Министерството за образование и наука (МОН) објави два јавни повици за кариерен развој на наставниците и стручните соработници во основните и во средните училишта. За првпат наставниците-ментори во основните училишта можат да напредуваат во наставници-советници, а за наставниците во средните училишта се воведува можност да стекнат звање наставник-ментор. Кариерен развој за првпат ќе имаат и стручните соработници во основните и средните училишта. Продолжува и процесот на унапредување на наставниците од основното образование во наставници-ментори, велат од МОН.
Министерката Весна Јаневска вели дека кариерниот развој не е важен само за наставниците, туку директно влијае на квалитетот на воспитно-образовниот процес.
„Го деблокираме процесот на кариерен развој. Сакаме наставниците да вложуваат во квалитетно образование на младите, затоа како Влада и Министерство отвораме можности тие да напредуваат преку валоризирање на трудот, искуството и резултатите. Младите наставници треба да имаат поддршка од поискусните колеги-ментори а нам, како креатори на политики, значаен ни е придонесот на наставниците-советници“, рече Јаневска и ги повика наставниците да се вклучат во процесот на кариерен развој.
Во двата јавни повика, објавени на веб-страната на Министерството за образование и наука, наведени се бројот на наставници и стручни соработници кои може да се стекнат со звања, по општина и училишта. Барањата за напредување во звања, наставниците и стручните соработници можат да ги достават најдоцна до 23.9.2025 година.
Јавните повици се достапни на следните линкови: 1. https://mon.gov.mk/content/?id=10286 и 2. https://mon.gov.mk/content/?id=10285