Пристигнале 720 коментари за прашањата за екстерното, прифатени се 151

720 коментари стигнале до Министерството за образование и наука во врска со објавените прашања за екстерното тестирање на матурантите кое ќе се одржи идната недела, односно на 22 и на 24 јануари.  Притоа МОН прифатило забелешки за 151 прашањe и тие се коригирани, вели министерот за образование Спиро Ристовски во интервју за МИА.

МОН прифати 151 од 720 коментари за прашањата за екстерното тестирање

Од оваа годинава и матурантите  (завршна трета или четврта година средно образование) полагаат екстени тестови, а МОН креираше систем во кој за овие ученици се достапни околу 60.000 прашања за сите предмети од сите видови образование (гимназиско, стручно и уметничко) каде граѓаните можеа да оставаат коментари и да пријавуваат евентуални проблеми во системот или погрешни и нелогични прашања. Како што информира министерот Спировски, од пристигнатите 720 коментари, 360 биле со забелешки за конкретни прашања, а 360 општи коментари.

„Сето она што беше издржано и основано е прифатено и направени се соодветни корекции на 151 прашањe од аспект на конципираност, превод и редакција, така што во тој дел не очекувам да има реакции откако ќе отпочне процесот, затоа што дадовме можност целата јавност да придонесе за уште поуспешна негова реализација“, вели министеротпред претстојното екстерно тестирање на матурантите кои в недела ќе ги знаат двата предмета за тестирањето идната седмица.

Овие денови се очекува и составувањето на ранг-листата на наставници со најдобри и со најслаби резултати на екстерното во 2012/2013, односно со најмали и со најголеми отстапувања во оценките што им ги дале на учениците. Законот предвидува награди и казни.

„Најмногу до 20 проценти од наставниците кај кои има најмали отстапувања во добиените показатели им се зголемува платата за наредната година за 15 отсто од платата што ја примале, и обратно. Извештајот е готов и наскоро ќе биде објавен. Во тек е доработката на најавените дополнителни анализи, за да добиеме повеќе детали за секој предмет поединечно“, појаснува министерот.

За сите предизвици и очекувања од екстерното тестирање, може да прочитате во текстот на Радио МОФ „Учениците на прагот на екстерното тестирање, ќе се надминат ли старите проблеми?“.