МОН: Платите на наставниците од овој месец се зголемуваат за 15%

Платите на вработените во основните и средните училишта од септември ќе се зголемат за 15%, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН) откако вчера беше потпишана спогодба помеѓу министерот Јетон Шаќири со претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.

„Чест ми е што токму во време на мојот мандат како министер за образование и наука во 2022 и 2023, практично во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно за над 35%. Ова е само потврда дека навистина имаме намера да го вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците кое го заслужуваат во општеството, затоа што се најважната алка во воспитно – образовниот процес од која зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее“, рече Шаќири.

Од СОНК преку социјалните мрежи испратија честитки до просветните работници и најавија дека следните активности ќе бидат насочени кон потпишување на колективните договори за основно, средно и високо образование.

Од МОН информираат и дека освен покачувањето на платите, во меѓувреме продолжуваат и континуираните обуки на наставниците, како единствен начин постојано да јакнат нивните професионални компетенции, отворајќи им можности за кариерен развој во звања ментор и советник. Во период од 3 години, во звање ментор, напредуваа 250 наставници од основните училишта кои се носители на промените што се случуваат за поквалитетна настава.

„Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат системска поддршка за наставниците. Работиме на достоинствено вреднување на нивниот труд и посветеност. Тие се ценети и почитувани за важната работа што ја работат – вложувањето во воспитувањето и образованието на децата кои се иднината на оваа држава“, велат од Министерството.