МОН: Ја зголемуваме поддршката за талентираните ученици, од годинава целосно го финансираме нивното учество на меѓународни натпревари

„Успесите на нашите најмлади секогаш стимулираат силни емоции и ја поттикнуваат вербата дека имаме сигурни раце на кои можеме да ја оставиме Македонија и да веруваме во подобра иднина. Затоа ја зголемивме поддршката кон талентираните, да чувствуваат доволна грижа од државата, да останат тука и да придонесат кон нејзиниот развој“.

Ова го истакна министерката за образование и наука д-р Весна Јаневска на конференција организирана од Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет во Скопје, на која беа претставени успесите на македонските ученици и нивните ментори постигнати на меѓународните научни олимпијади по хемија во оваа календарска година.

„Ги следам учествата на сите наши млади на меѓународните натпреварувања и водена од успесите ваши и на генерациите пред вас, ми беше должност да се заложам, а Владата ми даде поддршка и заедно го решивме предизвикот кој се провлекуваше од минатото и го доведуваше во прашање учеството на македонски претставници на големи меѓународни ученички натпреварувања. Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар. Поставивме системско решение и повеќе никој нема да има финансиски предизвици за да отпатува и да ја претставува својата земја“, рече Јаневска.

На Меѓународната олимпијада по хемија што годинава се одржа во Дубаи, македонските ученици освоија по еден сребрен и бронзен медал, како и една пофалница, додека на Меѓународната „Менделеев“ олимпијада во Бело Хоризонте во Бразил освоија два бронзени медали.

„Овие деца се дел од таа генерација во која веруваме дека може да донесе подобри времиња. Затоа што го ценат знаењето, постојано да надградуваат, знаат дека науката е столб на просперитетот и што е најважно – имаат натпреварувачки дух и прифаќаат предизвици што мора да се решат за да се стигне до победата“, рече Јаневска.

Изрази уверување дека министерството ќе продолжи да ги унапредува политиките за поддршка на талентираните ученици и студенти, да доделува стипендии, парични награди и да вложува во младите научници.