МОН и СОНК не се договорија за платите во образованието, просветарите најавуваат генерален штрајк

Владата и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) не се договорија за висината на покачување на платите во образованието откако заврши денешната средба на Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, со претставници на Синдикатот, пренесе Радио Слободна Европа.

Пред неколку денови Синдикатот го одби предлогот на Владата покачувањето на платите да биде 10 проценти и најавија дека на 11 ноември ќе има генерален штрајк.

„Ќе преговараме до последна минута, нема зијан од дијалог, заслужуваат поголема плата, но треба да се направат анализи до каде можеме, а и СОНК треба да размисли“, рече министерот Адеми, кој смета дека нема потреба од штрајк.

Првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, вели дека советот не се согласил околу тоа од кога треба да биде покачувањето. Власта предлага тоа да биде од април, а СОНК бара со почетокот на годината, а бараат и повеќе од 10 отсто повисоки плати.