МОН: Ги почитуваме правните прописи при јавните набавки

Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека ги следи правните прописи во делот на јавните набавки,откако анализата на Центарот за граѓански комуникации покажа дека МОН и Министерството за внатрешни работи се „минимално“ транспарентни при јавните набавки.

Во опширно соопштение од МОН појаснуваат дека имаат голем делокруг на активности , а дел од постапките се спроведување јавни набавки за обезбедување на неопходните услови за работа на самото министерство.

„Анализата на Центарот за граѓански комуникации се однесува на 2017 година во која Министерството за образование и наука спроведе 44 постапки за јавни набавки преку Бирото за јавни набавки. Станува збор за релативно мала бројка на спроведени постапки, а воедно и реализацијата на годишниот план за јавни набавки е ниска, поради тоа што се работи за година во кој се случи промена на владиниот состав и период во кој се конституираше на нова раководна структура на институциите на системот.

Оценките од анализата се коректни за спомената календарска година. Сакаме да информираме дека на дел од нив, особено оние што се однесуваат на техничкиот аспект, како објава на склучените договори на интернет страницата на министерството, интензивно се работи со цел да се анулираат во целост. Иако објавата на договорите на интернет-страницата на институциите не е законска обврска (законот наложува објава на договорите на Електронскиот систем на јавни набавки), раководството на МОН ја воведе оваа практика во 2018 година“, се наведува во соопштението на МОН.

Посочуваат дека во Министерството има воспоставен систем за следење на реализацијата на склучените договори. Објаснуваат дека набавките на Министерството во кои е доставена само една понуда и склучени договори преку постапки за преговарање, произлегуваат од откупот на учебници за кои ексклузивните авторски права ги поседуваат одредени издавачки куќи. Ветуваат дека и понатаму ќе се залагаат за унапредување на сите состојби и процеси што ги реализира МОН.