Истражувачката активност е основен столб на развојот на науката и напредокот на општеството. Истражувачите имаат клучна улога во создавањето нови знаења преку систематски и квалитетни истражувања, кои мора да бидат достапни и проверливи преку објавување во рецензирани научни списанија. Тоа ја зголемува видливоста на истражувачите и ја афирмира научната репутација на институциите, што е од пресудно значење за унапредување на академската позиција на нашите универзитети на меѓународните ранг-листи и за развој на меѓународна соработка.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на соработката со „Clarivate – Web of science“, со што се овозможува бесплатно користење на научните бази на платформата, за сите државни универзитети, МАНУ и Универзитетот на Југоисточна Европа.
„Тоа е голема придобивка за нашата академска заедница, бидејќи овозможува пристап до најреномирани научни трудови, следење на актуелни истражувања и научни трендови, објавување во списанија со висок импакт фактор, како и поврзување со глобалната научна заедница. Ова ќе резултира со зголемена видливост на нашите истражувачи, поголема можност за цитираност и директно влијание врз рангирањето на нашите универзитети на Шангајската листа. Меѓу критериумите што се земаат предвид при рангирањето се бројот и квалитетот на објавените трудови, цитираноста и меѓународната соработка. Анализите покажуваат дека за да се постигне рангирање на околу 1000 место на Шангајската листа, потребно е годишно да се објавуваат над 1200 трудови во Web of science. Нашите универзитети објавуваат многу помал број на трудови годишно“, рече министерката.
Од МОН велат дека тие континуирано ги поддржуваат професорите, истражувачите и студентите, да создаваат трудови со висок квалитет и да ги објавуваат во престижни меѓународни списанија, преку покривање на трошоците за објавување, финансиски награди за објавени трудови со импакт фактор, финансирање на научно-истражувачки проекти како и поддршка за учество на меѓународни конференции и промовирање на соработка преку заеднички трудови со странски универзитети.
„Систематската поддршка и мотивирање на истражувачите за создавање, истражување и објавување е клучна за одржување и унапредување на академската извонредност. Ако сите — институции, поединци и заедница — се посветиме на научната извонредност, не само што ќе ја подобриме нашата позиција на меѓународните ранг листи, туку и ќе изградиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој“, смета Јаневска.
Платформата е достапна за македонските научници, истражувачи и студенти од државните универзитети од месец јули годинава, кога и Министерството за образование и наука и компанијата „Clarivate“ која ја поседува „Web of science“, склучија договор за меѓусебна соработка.