МНТ својот 79-ти роденден ќе го одбележи со хуманитарна програма

Македонскиот народен театар (МНТ) својот 79-ти роденден ќе го одбележи со хуманитарна програма. Сретствата од продадедните билети од претставите „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски и „Силјан Штркот шанца“ од Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, кои ќе се одиграат на 3 април ќе бидат наменети за лекување на Леонид Индов. 

Како што информираат од МНТ, истиот ден во фоајето на театарот ќе биде претставена и документарна изложба „Миг кој трае“, на која низ оригинални фотографии и предмети ќе бидат претставени дел од досега изиграните претстави од 1945 година до денес.

Инаку, МНТ е формиран на 31 јануари 1945 година на Президиумот на АСНОМ, со што театарот официјално започнува со работа. За директор е поставен Димитар Ќостаров, а Илија Милчин е секретар – драматург.

Првата претстава  „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров премиерно е прикажана на 3 април 1945 година.