Младите сакаат подобра инфраструктура, паркинзи и почит кон велосипедистите

Младите сакаат подобра инфраструктура, да има функционални и обележани велосипедски патеки, безбедни паркинзи за оставање на велосипедите на подолго време, и да се зголеми почитта кон велосипедистите. Ова се заклучоците од анкетата на здружението на граѓани за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“,спроведена на повеќе од 900 млади на возраст од 14 до 22 години од кои поголемиот дел се од Скопје.

Анкета: Постои недостаток на сообраќајна култура и почитување на секој учесник

75 проценти од нив сметаат дека немаат безбедни услови за паркирање на велосипедите. Тие сметаат дека треба да се направат големи паркинзи за велосипеди во централните градски подрачја со осветлување и камера (или чувар) за да може секој да се чуствува спокојно да го остави својот велосипед на подолго време.

72 проценти сметаат дека дупките по патот претставуваат главен проблемсо којшто се соочуваат при возење велосипед.

87 проценти од младите одговориле дека имаат велосипед, 7 проценти немаат и 3 проценти позајмуваат. Но, на прашањето кои се главните проблеми со кои се соочуваат при возење велосипед, тие посочуваат на дупките на патот, но и невладеењето на сообраќајна култура кај возачите на автомобилите и кај пешаците.

75 проценти сметаат дека велосипедистите не треба да бидат казнети доколку не носат кацига. Според младите, заштитната опрема претставува личен избор бидејќи сепак тоа е финансиски трошок за секој поединечо.

Исто така, тие веруваат дека со воведувањето на заштитна опрема како задолжителна опрема, бројот на велосипедистите би се намалил.

Анкетата чија тема беше велосипедска култура и инфраструктура покажа дека голем дел од младите користат велосипеди како транспортно средство, но не многу често. Сепак, според резултатите, автобусот и автомобилот остануваат попрактични.

Во анкетата што се спроведуваше минатиот месец беа вклучени млади од 18 општини, најголем дел од Градот Скопје.