Младите од регионот побараа поголема вклученост во општеството во полупразна сала на „Преспа Форум Дијалог“

Вклученоста на младите во носењето одлуки, јакнењето на нивната улога, иселувањето, невработеноста, иднината на младите, европското прашање и меѓусебната соработка. Ова беа само некои од темите кои се отворија на панел-дискусијата „Идната генерација на Западниот Балкан“ на дводневниот настан „Преспа Форум Дијалог“, кој се одржа во Охрид. Во полупразна сала, со оваа панел-дискусијата и се затвори овогодишниот настан. Дел од говорниците забележаа дека политичари кои биле присутни на настанот, на оваа дискусија ги немало, а за време на настанот неколкупати се провлече и поентата дека иако панелот е последен во агендата, не значи дека е помалку важен.

Уште многу работи треба да се направат за младите, смета претседателката на Националниот младински сојуз на Македонија (НМСМ) Марија Крстевска. Според неа, тоа што постои младински панел на овој настан е мало подобрување, но се надева дека следната година младите луѓе ќе имаат уште поголем простор, како и дека ќе бидат вклучени и во другите панели.

„Неколку луѓе спомнаа дека треба да ги вклучиме младите во носењето на одлуки, особено за прашања кои што се од важност за младите, и да ги вклучиме во секоја фаза. Сакаме да нè сметаат за рамноправни партнери, а не само за набљудувачи или гледачи на процесот. Како сме ние различни? Би рекла дека сме различни, затоа што ние сме новата генерација која што не мора да го носи товарот на минатото. Некои говорници претходно спомнаа за европските програми, придобивките од РИКО и многу други придобивки кои ги имаат младите сега. Сега би рекла дека тоа е нашата предност, можеме да се состанеме, да разговараме со нашите врсници од регионот, но и пошироко во Европа и може да споделуваме добри пракси“, рече Крствеска.

Таа рече дека е време младите да се сметаат за рамноправни партнери кои може да придонесат кон решенија на проблемите, со нови перспективи, гледишта и енергија.

„Треба само да им се даде простор, затоа што има истражувања, последното за Северна Македонија беше дека секој втор млад прави напори за да направи промена, но истото истражување покажа дека две третини од младите кои што учествуваат во тоа истражување никогаш не биле консултирани, ниту биле вклучени во ниеден процес од Владата, без разлика дали е на локално или национално ниво. Младите имаат волја, треба само да им се даде простор и можност да ни помогнат на сите, да го подобрат општеството, да соработуваат и да имаат мирно и европско општество“, потенцираше Крстевска.

Во меѓувреме, Дитјон Фетаху од Младинскиот совет на Косово, на панел-дискусијата посочи дека младите сакаат да видат иднина во регионот каде што има развиено образование, стабилни закони, безбедност, но и подобро спроведување на зелената и дигиталната агенда.

„Сакаме да видиме регион кој е дел од Европската Унија, но за да имаме таква иднина, со таква идна генерација на млади, сега треба да им се дадат потребните ресурси и материјали, во овој момент. За жал, во шесте земји од Западниот Балкан имаме големи проблеми. 51% од младите во Западниот Балкан велат дека вработувањето е влошено, 25% од младите се во категорија на која што им треба помош, ниту се вработени, ниту учат, 75% велат ‘ќе се преселиме во странство и не се враќаме’. Во Косово овие проценти се уште полоши, 60% од нашите граѓани се млади, тоа значи дека преку 60% од населението во Косово се под 30 години“, рече Фетаху.

Често слушаме дека младите се иднината, а од друга страна луѓето го користат изразот колку да се каже, вели Мерис Бечович од Младинскиот совет на Босна и Херцеговина. Бечович е дециден дека има луѓе кои се борат да ги вклучат младите, но не ги вклучуваат на вистински начин, а според него ова се работи кои се случуваат на многу нивоа, а тоа вели дека навистина фрустрира.

„Овде сме собрани луѓе коишто веруваат. Сите веруваме во нешто и сакаме да направиме промена. Понекогаш ни снемува сила, меѓутоа работиме во мрежа. Меѓусебно си даваме едни на други сила. Младинските совети имаат посебна улога, затоа што младинската политика не е толку интересна, не сакаат многу луѓе да се занимаваат со неа. Малку чудни луѓе ја спроведуваат. Пред неколку недели пет од нас беа седнати на една маса, гледавме како се гласа за одреден закон, се донесе законот и потоа 5 луѓе слават затоа што е донесен закон на кој се чекало десет години. Значи имате десет млади кои слават донесување на некој закон, не е вообичаено да се види тоа“, рече Бечович.

„За нас учеството на младите е нешто што може да помогне да се најде решение и за невработеноста и за менталното здравје и за другите проблеми, ако се воспоставени добри механизми, ако имате, не министерства кои што ги разбираат младите луѓе, туку министерства кои што имаат во своите структури млади луѓе, тогаш тоа навистина ќе донесе промени, слично на младинската гаранција. Северна Македонија беше првата земја која го спроведе во 2018 овој механизам на младинска гаранција, треба да го следиме и да работиме на тоа“, дециден е Бечович.

Тешко е да се објасни што е младинската политика надвор од европското поле, вели Мирослав Цеков, претседател на Националниот младински форум на Бугарија. Според него, ова е нешто на кое треба да се работи.

„Младинските политики ги градат лидерите на иднината и младинската политика ги учи младите на одговорност, како да носат одговорност за нивните заедници, за себеси и како да го прошират нивниот потенцијал, мора да ги прошириме и зголемиме инвестициите во младинските политики во регионот и мора да ги поддржиме младинските организации во нивната работа на основно ниво. Сакам да нагласам дека без континуирана младинска политика, не само што го ставаме младинскиот сектор на коцка, туку и демократија ја ставаме на коцка“, посочи Цеков.

Секогаш можеме да слушнеме за младите и нивните проблеми, но кога станува збор за преземање конкретни активности, ништо не се случува, смета активистот Жељко Џукиќ од Црна Гора. Меѓутоа, тој рече дека ништо не се случува веќе 20 години, додавајќи дека само се зборува, а дека се работи.

„Составуваме стратегии, донесуваме долгорочни цели, и постојано има документи, стратегии, ама младите не добиваат ништо, ситуацијата на младите не се подобрува. Ова е сериозен проблем, не само во Црна Гора, туку во сите земји од Западниот Балкан, а особено во Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, затоа што специфична е состојбата со невладините организации во овие три земји. Никој нема точни податоци колку млади си отишле од овие три земји, никој нема точни податоци“, рече Џукиќ.

Тој посочи дека во оваа прилика размислува реалистично, додавајќи дека прашањето е дали на Западниот Балкан ќе има следна генерација.

„Најверојатно не во олкава бројка, затоа што имаме проблеми со семејства кои што имаат по едно или две деца. Опаѓа бројот на население во Србија, Црна Гора, не на Косово и Албанија, од каде ќе дојде следната генерација и каде ќе биде следната генерација. Ќе бидат во Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина или ќе бидат во Германија, САД, Италија, каде и да е, тоа е прашањето. Мене секако не ми е драго заради ова, но мора да го поставиме прашањето што треба да направиме, потребна ни е нова генерација политичари, сега, во овој момент. Кога ќе настапи новата генерација на политичари која што нема само празни зборови да кажуваат и кои што ќе работат со резултати, тогаш може на следната генерација млади со сигурност ќе може да им кажеме дека ќе имаат добра работа, социјална безбедност и се што им треба за пристоен живот“, истакна Џукиќ.

Генералниот секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО) на земјите од Западен Балкан, Алберт Хани истакна дека не сака да ги обесхрабри младите и дека не е погрешно да бидат последната сесија на, како што вели, многу важен, престижен настан како овој, додавајќи дека на панелот можеби има најмала исполнетост во салата.

„Многу е важно за сите вас, особено за младите, да знаете дека самото тоа што сте дел од ваков настан е голема можност, затоа што само така, само ако сте внатре може да направите промени. Запомнете дека РИКО беше создаден со желба на младите да се промени регионот, да влезе во агендата на берлинскиот процес, и успеа во тоа. Сега сме на форумот Преспа, можеби сме последната тема на агендата, но ова ќе создаде нов пат за ново размислување, не само на организаторите, туку и на сите луѓе кои што се на овој настан“, рече тој.

Истовремено, Хани посочи дека доколку се зборува за проблемите во регионот, сите се исти, а тоа го покажуваат, како што рече, и нивните студии. Како што потенцираше Хани, желбата за просперитет и европска перспектива се одразува во сите истражувања.

„Нашата студија за заедничка иднина, покажува дека 92% од младите сакаат да разговараат за важни прашања за нивната иднина и да работат на градење мир и помирување, затоа што тие тоа го гледаат како пречка. Го прескокнав мојот формален говор, затоа што мислам дека ова треба да се зборува од срце. Не сум млад и имам должност на мојата функција да се залагам за младите да имаат подобра положба во општеството и тоа не значи само учество на настани, туку значи носење одлуки, нешто што РИКО го прави со својот систем, каде на пример младите или претставници на младите, заедно со министрите за млади и спорт во регионот одлучуваат за политиките и политиките кои што се поврзани со младите. Тоа е нешто што сакаме да го промовираме, не само на овие настани, не само во владините институции, туку и во приватниот сектор треба да се одрази, треба да се осврнеме на нивните соништа и грижи“, истакна Хани.

Младите создаваат промена каде и да погледнеме, а некои од нив посветиле се што имаат за да ги решат најитните прашања на нашето време и го жртвувале нивното дело, па дури и нивниот начин на живот, вели советникот за млади и младински политики во канцеларијата на премиерот, Ѓорѓи Тасев.

„Тие се активисти, социјални иноватори, сонувачи, луѓе кои што веруваат дека е можна еколошка и општествена промена“, рече Тасев.

Истовремено, посочи дека тој и младите носители на одлуки од земјите на Западниот Балкан сакаат да ги решат проблемите и да создадат напредок и подобар живот заедно, но и да ги разрушат бариерите кои ќе гарантираат безбедност и економска стабилност.

„Исто така сакаме регионот да биде нашиот дом, да се чувствуваме слободно, независно и просперитетно. Не може да избегаме од нашите најголеми прашања сега за време на евроинтегративниот процес и проблемите со кои се соочуваат Албанија и Северна Македонија пред европските врати. Ова создава безнадежност, која според мене не е толку добра за економската ситуација и способноста на младите да ги видат нивните европски перспективи и да бидат дел од европското семејство. Формалниот успех е и како да се задржат младите луѓе во приказната за Европската Унија е да се дојде до заклучок дека може да постигнат одредена промена“, рече Тасев.

Советникот за млади рече дека без европска перспектива, повисоки плати и подобар квалитет на живот, младите ќе продолжат да мигрираат и дека ќе останат само на дискусија.

„Младите мора да имаат шанса да успеат дома, да го остварат нивниот потенцијал дома. Затоа зачленувањето во ЕУ дефинитивно ќе им даде перспектива на младите и ќе им помогне да го прекинат патот кон миграција. На младите им треба просперитетен и безбеден Балкан. Младите ќе придонесат активно кон европските вредности и европскиот просперитет за да го постигнат тоа, западнобалканските земји имаат одговорност да создадат услови за поголеми искуства на младите. Сите тие, знам дека ова звучи како клише, но младите треба да се сметаат за сила на доброто, а не за проблем што треба да се реши. Мојата главна порака од овој панел е дека ние, особено младите од Западниот Балкан, треба да се трансформираме себеси и особено како носителите на одлуки и младите од Западниот Балкан и да се посветиме да бидеме фокусирани на можности, а не ориентирани на проблеми“, дециден е Тасев.

Родовата еднаквост и младите не треба да бидат последните панели на вакви настани, истакна Блажен Малески од РИКО, кој на панел-дискусијата ги истакна заклучните согледувања.

„Младите и жените имаат што да кажат кога се работи за геополитиката, има што да кажат за енергетика, имаат што да кажат за климатските промени и мислам дека ја испуштивме можноста барем овие два дена да вклучиме повеќе млади луѓе во тие дискусии и ги оставивме на последниот панел каде што само се жалиме и да не прогласат за генерација на луѓе кои што се жалат“, рече Малески.

„Вториот дел е дека политичарите дојдоа и си отидоа, високи политичари, особено претседатели, премиери и министри. Никој од нив не беше достоен да не’ ислуша, не само нас, туку и претходниот панел. Мислам дека младите овде и ние, тоа што го зборуваме е многу важно, меѓутоа никој не беше овде да се осврне на тоа и да учествува во тоа“, додаде Малески.

Истовремено, тој рече дека може јасно да се види дека младинското учество општо не е високо на агендата на политичката сцена и додаде дека треба да се размислува како тоа да се реши и подобри.

„И младите можат да носат костуми. Изгледаме убаво, сликите со нас се убави, меѓутоа не сакате да  нè ислушате и мислам дека треба да се организираме да го смениме тоа. Вториот дел нè доведува до средствата, финансиските средства кои што се намалуваат во регионот. Во случајот на Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт го има истиот буџет како Националниот младински совет на Северна Македонија. Мислам дека ова не е добро, затоа што тоа значи дека точно истите пари кои што ги има невладина организација е исто што и државата и нејзината најголема организација, институција која што е одговорна за младите го има истиот износ за младински проблеми“, посочи Малески.

„Мислам дека тоа не е доволно, затоа што ако го земете случајот со Албанија, ако заложите пари за идеи на младите луѓе, тогаш се случуваат убави работи, станувате Европска престолнина за младите за цела година. Треба да ги притиснеме политичарите да даваат повеќе пари за младите, бидејќи ако не се случи тоа, тогаш веројатно ќе нема следна генерација и ќе нема кој да го поплочи патот за следните генерации коишто доаѓаат“, рече Малески.

Дополнително, тој рече дека името на панелот е оксиморон, бидејќи, како што рече, „ние не сме следната генерација овде на панелот, ние сме сегашната генерација и сакаме да видиме промена сега“.

„Преспа форум дијалог“ е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија која се организира втора година по ред. Изминатите два дена во склоп на настанот беа организирани повеќе панел-дискусии на кои учествуваа претседатели, премиери и други официјални лица од регионот, од Европа и од светот.

Мартин Колоски