Младите лидери во Охрид споделуваа искуства за балканските и македонските предизвици

Република Македонија својата иднина треба да ја гради преку ангажман на млади образовани кадри, изградени личности кои со своите професионални вештини и знаења ќе придонесат за нејзиниот натамошен општествен развој. Тоа е пораката што беше упатена од учесниците на Конференцијата за млади лидери што под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов се одржа во Охрид.

На собирот „Предизвици и можности за балканското лидерство денес“ учествуваа претставници на петте генерации на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов на годишно ниво се одржува од 2010 година. На средбата во Охрид,  меѓу останатите високи гости и предавачи, учествуваат и поранешните претседатели на Бугарија и на Албанија Георги Прванов и Бамир Топи.

Дводневната конференција на сите генерации учесници на школата за млади лидери во Охрид ќе биде заокружена со трибина на тема „Придонесот на Асоцијацијата на млади лидери – Алумни во лидерството на следната деценија“.