Речиси една третина од сите млади, независно од нивната етничка припадност, често се изложени на загадена средина во нивното место на живеење или во општината. Иако 86% од младите изразиле загриженост за состојбата со животната средина, само 7,8% биле вклучени во каква било активност поврзана со неа, покажува ново истражување.
Анализата „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“, издадена од Центар за младински активизам КРИК, Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ и Центар за социјални иницијативи „НАДЕЖ“, е правена на над 1.200 млади луѓе од сите осум плански региони.
Таа покажува дека еколошката (не)правда кај младите во Македонија е длабоко поврзана со нивниот социо-економски и етнички идентитет, како и со местото на живеење.
„Младите кои живеат во Полошкиот регион, рурални средини, оние од ромската заедница и младите со попреченост, се несразмерно повеќе изложени на загадени средински услови – при што 90% од нив не знаат каде да пријават еколошки проблем“, посочуваат издавачите на анализата.
Според нив, најзагрижувачки е што дури 43% од младите од урбаните и 33% од руралните средини често или понекогаш се изложени на загадување во местото на живеење.
„Речиси половина од испитаниците сведочат дека загадувањето негативно влијае врз нивното ментално и физичко здравје – појави како анксиозност, чувство на беспомошност и депресија се присутни особено кај младите жени и оние кои живеат во најзагадените општини“, се дел од наодите од анализата.
На национално ниво, само 14,4 % од младите живеат во места или општини каде е развиено селектирањето отпад.
„Речиси сите млади, независно од пол, возраст, регион и место на живеење, имаат слабо развиена практика за селектирање отпад, како еколошко прифатливо однесување на младите. Оваа практика е особено развиена кај повеќе од половина од младите кои живеат во места и општини во Источниот Регион“, стои како наод.
Свесност, информираност и еколошко однесување на младите
Во документот, чијa авторка е Сунчица Димитријоска, додека експертски тим за акциско истражување се Андријана Ѓелевска и Александар Митаноски, има посебен дел што се вика „Свесност, информираност и еколошко однесување на младите во контекст на климатските промени и климатската акција“.
На национално ниво, ваквите знаења речиси две третини, или 65,3 %, ги стекнуваат или стекнувале преку формалното образование. Сепак, индикативен е наодот дека 59,3 % од младите паралелно еколошките знаења ги добиваат преку социјалните медиуми (најчесто преку Инстаграм, кратки видеа на Тикток, видеа на Јутјуб).
Слаба е и самоиницијативноста.
„Една петтина, или 20,3 %, од младите на национално ниво, се информираат или следат содржини поврзани со животната средина и климатските промени само два-трипати годишно. Еднаш месечно – 18,3 % од младите, а 17,5 % воопшто не се информираат или следат вакви содржини“, стои во документот.
На национално ниво, според резулатите, 35,7 % од младите живеат во места/општини каде ретко (најмногу еднаш годишно) се организираат и спроведуваат активности за заштита на животната средина и справување со климатските промени.
Податоците покажуваат дека единиците на локалната самоуправа – општините се препознаени од 39,8 % од младите како главни организатори и спроведувачи на екоактивности. Граѓанските иницијативи и компаниите се на дното на оваа листа.
Во однос на еко-активностите, најбројни се младите (68,5 %) што живеат во места или општини каде се организираат работни акции за чистење јавни површини (пр., училишта, излетнички места и слично). Висок е и степенот на акции за позеленување или пошумување (49,2%), додека селектирањето и рециклирањето отпад е 21%, а протестите за заштита на животната средина се 10,3%.
Од аспект на еко-однесување, речиси сите млади, или 90,1 %, го фрлаат отпадот во кантите за отпад.
„Мнозинството млади практикуваат еколошки прифатливи однесувања, како што се: внимателно трошење вода при користење тоалет, мијалник и бања (64 % од младите). Исто така, штедење електрична енергија преку користење електрично осветлување и електронски уреди само по потреба (64,3 %) и нивно исклучување кога не се користат (61,3 % од младите)“, стои во документот.
Кај младите има високоразвиена свесност и желба за јавен превоз и велосипеди како еколошки прифатливи активности. Сепак, процентот на млади кои всушност користат автобус изнесува 59,1 %, а оние што возат точак – 58,4 %.
„Причината за тоа е отсуство на соодветен јавен превоз во одредени региони и недостиг на велосипедска инфраструктура“, нагласуваат истражувачите.
Една четвртина, или 24,8 % од младите, купуваат и употребуваат производи со рециклирачка амбалажа. Истовремено, ваквиот однос кон екопроизводите е 19,9 %. Во оваа листа, најмалку застапена е облеката изработена од екоткаенина.
Низ цела Македонија, 71,1 % од младите поддржуваат активности за заштита на животната средина и за ублажување на климатските промени. 27,6 % учествуваат, 20,5 %, поттикнуваат еко-активности, а само 7,8 %, учествуваат во носење одлуки и/или политики за заштита на животната средина.
Истовремено, само 17,3 % од младите волонтирале повеќе од 20 часа во последната година во активности со животната средина и климатските промени.
Сепак, издавачите на документот нагласуваат дека младите се подготвени да дејствуваат.
„Според младите, клучот лежи во колективна акција, промена на ставови, развивање на зелени вештини и вистинско вклучување во процесите на одлучување. Голем дел од нив го поддржуваат формирањето на локални младински совети и изработка на стратегии кои ќе ги адресираат прашањата поврзани со животната средина“, се дел од заклучоците.
Оваа анализа е резултат на акциско истражување спроведено во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, со цел да се поттикне зелената социјална работа и социјалната трансформација како одговор на климатската криза. Проектот е финансиран од Владата на Швајцарија преку „Цивика мобилитас“, што го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска.
Бојан Шашевски
*Сите графикони се од анализата „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“