Младинска невработеност, обесправени ранливи групи и заплашување новинари меѓу критиките на ЕУ до Владата

Во извештајот на Европската Унија за напредок на Република Македонија за 2016 година, покрај клучниот предуслов за почеток на преговори за членство – кредибилни избори, наведени се забелешки и критики во поглавјата за човековите права, слободата на изразувањето, образованието, пазарот на трудот и животната средина.

Човекови права и слобода на изразување:

Нема напредок во делот на слободата на изразувањето. Европската Унија забележува во извештајот дека се уште не се објавени цифрите за владиното рекламирање, кое можело да биде средство за влијание врз медиумите. Недостасува и балансирано известување од медиумите, иако е наведено дека се забележани охрабрувачки знаци за време на летниот период од известувањето на Јавниот сервис и некои приватни телевизиски канали.

Забележани се слабости во имплементацијата на стандардите за човекови права, кои ги погодуваат најмногу ранливите и маргинализираните групи во општеството, како децата, младите, лицата со попреченост, Ромите и ЛГБТ заедницата.

„Законската рамка за заштита на човековите права е претежно во линија со европските стандарди, но законите понекогаш не се целосно и коректно применети. Телата кои се вклучени во заштитата и промовирањето на човековите права имаат недостиг на кадар и финансиски ресурси, слабо се координирани и, во одредени случаи, не се сметаат за независни“, стои во извештајот.

Во овој дел извештајот се наведени бројни случаи на заплашување новинари и судски процеси против нив. А се потенцираат и повредите на неколку новинари од страна на полицијата, за време на протестите на 12-ти април против претседателското помилување на 56 лица, како и оштетувањето на просториите на два про-владини медиуми.

Образование:

Во поглавјето за образование, Европската Унија регистрира одреден прогрес, особено во стратешките рамки, но посочува дека процесот за промена на законот за високо образование кој би ги вклучил и студентите и професорите е запрен, додека предучилишното образование и понатаму нема доволно ресурси. На системите за професионален развој на наставниците и напредување во кариерата во образованието им се потребни поголеми инвестиции и подобра имплементација.

Социјални политики и вработување:

Во поглавјето за социјалните политики и вработеноста како важни предизвици и највисок приоритет се посочени високата невработеност на младите и долготрајната невработеност, а останува ниско учеството на пазарот на трудот на жените, Ромите и лицата со попреченост.

Животна средина и климатски промени:

Во однос на животната средина и климатските промени, извештајот на ЕК забележува дека државата има одредено ниво на подготвеност, но потребни се повеќе напори за реално да се подобри квалитетот на водата, да се реши проблемот со индустриското загадување, климатските промени и отпадот. Покрај ова извештајот дава своевидна критика за бавното спроведување на мерките кога станува збор за квалитетот на воздухот и заштитата на природата.

Во наредната година, државата треба да обрне посебно внимание на спроведување на Националниот план за заштита на квалитетот на воздухот, подобрување на процесот за оцена на влијанието врз животната средина, со цел да се обезбеди ефикасна заштита на националните заштитени подрачја, да ја ратификува и да почне со спроведување на Спогодбата од Париз. Според извештајот, државата треба да обезбеди ефикасно учество на јавноста. Ова се однесува особено за проектите во секторот на хидроенергијата и други инфраструктурни проекти во националните заштитени подрачја. „Усогласувањето на законодавството во областа на квалитетот на воздухот е во напредна фаза.

Сепак, спроведувањето на мерките утврдени во Националниот план за заштита на квалитетот на воздухот остана ограничено. Загадувањето на воздухот се уште достигнува високо ниво во текот на зимата, но планови за квалитетот на воздухот има само развиени за Битола, Скопје и Тетово, а не за сите зони каде што нивоата ги надминуваат границите. Националната мрежа за мониторинг на квалитетот на воздухот продолжи да страда од недостаток на редовни финансиски ресурси.

Веб-порталот за мониторинг на квалитетот на воздухот во реално време е јавно достапен, иако често се случуваат технички проблеми“, стои во извештајот. Во однос на управувањето со отпадот, ЕК смета дека е потребно да се затворат нестандардните депонии и да се воспостават регионални центри за управување со отпад со селективно собирање на различни видови на отпад. Оттаму реагираат за тоа што се уште не е донесена Националната стратегија за биолошка разновидност и акционен план.