Младинска иницијатива, филм, настан – Матурантите добиваат нови можности за правењето проектна задача

Наместо класичната проектна задача која се прави во рамките на матурскиот испит, од оваа година на средношколците ќе им биде дозволено да создадат своја идеја во форма на младинска иницијатива, филм, дигитална платформа, мултимедијален настан…

Како што соопштија од Министерството за образование, новата можност за реализација на проектната задача е базирана на интересите на учениците и на глобалните трендови во образованието, културата и социјалниот живот на младите, па треба да го поттикнат креативниот потенцијал на матурантите и нивното критичко размислување.

Во процесот на реализација на проектната задача, матурантите имаат можност да создадат своја идеја во форма на:

1. Младинска иницијатива која ќе предизвика некаква промена во заедницата (волонтерски активности, еко-акции, обуки за стекнување одредени вештини, хуманитарни активности и помош и поддршка на ранливи социјални групи).

2. Дигитални едукативни и социјални платформи (електронски весник или тематски профил) кои обработуваат креативни и образовни содржини од областа на јазикот, културата, науката, уметноста, медиумите/ влијанието на социјалните мрежи, општеството, граѓанското однесување во општествената заедница и сл.

3. Видеоматеријали, кратки филмови, новинарски стории на одредена тема, портрети на личности од важност за заедницата, кампањи (на социјалните мрежи или во физички простор) кои учениците ги изработиле со цел промовирање позитивни вредности.

4. Уметничка или сценска изведба (драма, литературно читање, ораторска вечер, изложба, мултимедијален настан и сл. ).

Министерството за образование и наука информира дека годинава и понатаму останува да важи стариот систем за избор на предмети што ќе се полагаат за државна матура, но поради пандемијата со Ковид-19, ќе се подготвуваат со скратени наставни програми. Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно обврзание. Притоа, средношколците од четврта година ќе треба најдоцна до 30 ноември годинава да пријават тема за изработка на матурска проектна задача. Пријавувањето треба да го направат во своите училишта.