Млади создадоа едукативна игра „Сива зона“ за да се подигне свеста за корупцијата

„Сива зона“ е едукативна електронска игра наменета за средношколци, чија цел е подигнување на свеста за корупцијата и последиците од неетичките избори.

Таа беше промовирана на настан во Netaville, каде присуствуваа 70 средношколци од школите во град Скопје, а воедно се одржаа и две панел дискусии. Учесниците зборуваа како едукативните електронски игри можат да бидат алатка за општествени промени, а се говореше и на тема „Младите како креатори – од идеја до реализација“, каде средношколците разговараа со тимот позади „Сива зона“.

Како што објаснуваат младите креатори, во „Сива зона“ играчот ја превзема улогата на ученик во последната година од своето средно образование, затекнат на патот да одлучи каде ќе ги продолжи своите студии и високо образование.

„Добива прекрасна можност за стипендија на одличен универзитет во странство, но времето за аплицирање на стипендијата е кратко. За да успее, играчот мора да помине низ серија предизвици и ситуации што ја одразуваат реалноста – подготовка на документи, административни процедури, разговори со институции и полагање на тестови. На секој чекор, играчот се соочува со избор: да оди по чесен пат и да вложи труд, или да избере коруптивни практики кои на прв поглед изгледаат како побрзо решение“, посочуваат од тимот на „Сива зона“.

Нагласуваат, одлуките кои ги превзема го водат играчот низ „сива зона“ – простор во кој границата помеѓу етички исправните постапки и нелегалните дејствија е неодредена и тешко разграничена. 

„Секој избор има последици врз текот на приказната и крајниот исход: добивање на стипендијата на чесен начин, губење на можноста или постигнување на успех преку коруптивни практики што оставаат негативни траги. Играта нуди повеќе сценарија и завршетоци, што ја прави повторно игрива и интерактивна, а истовремено поттикнува критичко размислување кај младите за важноста на интегритетот, етичките избори и последиците од корупцијата“, соопштува тимот.

Со „Сива зона“, тимот се стреми младите да се соочат со реални коруптивни ситуации, а притоа да поттикне критичко размислување, морална проценка и активна рефлексија на одлуките кои ги носи секој играч – со што во процесот на играње на секој играч му се мери интегритет, репутација, време и пари.

Понатаму, велат од тимот, идејата е да промовираат вредности како интегритет, чесност и отпор кон корупција, како и да се созде долготраен ресурс кој ќе се користи во наставни и неформални едукативни средини.

На настанот, публиката доби ексклузивна можност да ја тестира и испроба играта, воедно да даде свои коментари, мислења и заклучоци за позитивните и негативните аспекти, пред таа јавно да биде достапна на 5 октомври на страната https://sivazona.mk/, каде секој ќе може да ја превземе и да добие повеќе информации околу иницијативата.

Иницијативата е спроведена од седум млади студенти како неформална група, а се спроведува во рамки на проектот „Иновативно антикорупциско застапување и младинско ангажирање“ кој го спроведува Младински Совет Прилеп. Проектот е дел од програмата за мали грантови на СЕЛДИ во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“, финансиран од Европската Унија.

Бојан Шашевски