„Мислам, чувствувам, одлучувам“ – 100.000 лица се собраа во Варшава протестирајќи за право на избор при бременост

Околу 100,000 протестирачи вчера излегоа на улиците во Варшава, Полска, со што се случи досега најголемиот протест, резултат на големиот бес кон владеачката десничарска партија во Полска, „Закон и Правда“, откако таа стапи на власт во 2015 година.

Протести се одржуваат на целата територија на Полска откако претходно овој месец во државата абортусот беше прогласен за нелегален, дури и во случаи кога фетусот е дијагностициран со сериозна болест или смртен дефект.  Ваквите случаи веќе исполнуваат 96 отсто од досегашните абортуси во Полска, која и претходно ги имаше едни од најрестриктивните закони за абортус во Европа.

Во средата, активистките прогласија „женски штрајк“, кој привлече над 400.000 лица да протестираат во повеќе од 400 места и градови низ Полска.

Само неколку часа пред вчерашниот протест, претседателот Дуда, исто така дел од владеачката партија, извести за таканареченото „легислативно решение“ за оваа криза, предлагајќи прекините на бременоста во случаи каде дефектите се терминални да бидат дозволени. Останува забранет абортусот во случај на Даунов синдром.

Вчера, десетици илјади протестанти се собраа на неколку места во Варшава извикувајќи „Мислам, чувствувам, одлучувам“, но и слогани против владеачката партија.

Протестите, кои се одржуваат откако Полска воведе дури и построги забрани како одговор на големиот раст на новозаболени и смртни случаи од коронавирусот, беа претставени преку хумористични слогани и плакати.

Се случија и насилни инциденти, откако банди на националисти облечени во црно ги напаѓаа активистите на улиците во центарот на Варшава. Според полската полицика, дел од нив се уапсени поради носење на ладно оружје.

Претходно неделава, премиерот Јарослав Качински, ја адресираше јавноста повикувајќи ги поддржувачите да ја бранат Црквата од активистите, откако неколку миси беа нарушени во текот на изминатиот викенд. Дел од јавноста го осуди Качински дека ги охрабрува десничарските групи да ги напаѓаат оние кои протестираат.

Вчера вечер, протестирачите се упатија кон живеалиштето на Качински, но беа сопрени од полицијата.

„Штотуку зборував со една млада жена, која ми кажа дека има 24 години и дека изминативе шест дена цело време е на улиците, протестирајќи. Постои неверојатна енергија, нема да ја потрошиме за џабе“, изјавила една од организаторките на протестот Маја Војчиковска за локалниот медиум „ТВН“.

Извор: Guardian