Мирсат и Васка од заводот „Бања Банско“ во Струмица добија свој дом

Мирсат и Васка од Заводот за заштита и рехабилитација на лица со попреченост „Бања Банско“ од Струмица, по 40 години поминати во институција добија свој дом, информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

За нив е адаптирана и комплетно опремена куќа од 96 квадратни метри со голема тераса и двор во село Добрејци, во која во наредниот период ќе можат да се сместат уште двајца корисници од установите за резиденцијална грижа.

Претходно, девет возрасни корисници во 2019 година го напуштија заводот. Двајца од нив добиле поддршка за враќање во сопственото семејство, додека седуммина се преселени во станови во државна сопственост.

„Сите деветмина добиваат соодветна поддршка, вклучувајќи лична асистенција и поддршка од негователи. Активностите за трансформација на Заводот Бања Банско се реализираат со средства од буџетот на МТСП, соработка со Општина Струмица и со поддршка на 4-те агенции на Обединетите нации – УНДП, УНИЦЕФ, УНЖЕНИ и УНФПА“, стои во соопштението на МТСП.

Од МТСП додаваат дека продолжила и трансформацијата на Специјалниот завод Демир Капија, односно дека седум возрасни лица се преселени во Одделот на Заводот за живеење со поддршка во рамките на кој функционираат две нови станбени единици.

„Во јануари 2020, започна спроведувањето на три проекти финансирани од ЕУ (ИПА II) кои до крајот на 2022 ќе ја поддржат преселбата на над 100 корисници на Специјалниот завод Демир Капија во сервиси во заедницата за живеење со поддршка“, додаваат од МТСП.

Како поддршка на животот во заедницата и развојот на индивидуалните сервиси, додаваат од таму, зголемена е сумата за час за лична асистенција за 10 отсто. Цената за услугата на згрижувачките семејства и за услугата поддржано живеење, пак, е зголемена за 30 отсто, а дополнително е дефинирана и цената за услугата помош и нега во домот, која изнесува 240 денари за час.