Министерството за социјала нѐ игнорира, иако две децении се грижиме децата да не бидат на улица, велат од Центарот од Шуто Оризари

Дневниот центар за деца на улица од Шуто Оризари веќе петти месец работи во неизвесност, под закана за затворање, иако претходните 19 години се грижи за социјализација и заштита на најранливите. Вработените работат без плати, со донации за храна, прибор и основни средства. Немаат финансиска поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, за кое велат дека последните два месеци целосно го игнорира и нивното Барање за нова лиценца за работа.

„На 18 март поднесовме Барање за нова лиценца, за да дојдат на увид, да го видат просторот, условите, тимот – но, еве два месеци и никој не доаѓа. Како воопшто да не постои Комисијата (за лиценцирање на даватели на социјални услуги) во склоп на министерството“, реагира Оливер Бачановиќ, претседател на Здружението за заштита на правата на детето, под чија капа спаѓа Центарот.

Од ресорното министерство за Радио МОФ веќе потврдија дека Здружението не ги исполнувало условите за услугата Дневен престој за деца во ризик, но Бачановиќ смета дека целата ситуација е „некоректна, несфатлива и нефер“.

„Прво, не’ одбија да конкурираме на годишниот конкурс за финансии за социјални услуги, поради задоцнето уверение на УЈП, кога, објективно гледано, доцнењето беше поради органот што го издава, а ние документот го побаравме во законскиот рок. Како второ, дознавме дека ‘не ги исполнуваме условите’, но официјално не добивме одговор зошто е тоа така, поради кои х причини? Независно, ние некои работи ги поправивме, сменивме, освеживме. Нека повелат, дојдат и проценат каква е фактичната состојба. Наместо тоа, два месеци владее молк, никаква комисија“, потенцира тој.

Според Бачановиќ, постои игноратност иако досега се докажале, односно, помогнале на над 600 деца, спречиле 255 малолетнички бракови и вработиле 230 младинци.

„Препознаени сме – не’ знаат децата, не’ знаат родителите, не’ знаат од општината. Целиот тој однос, сите тие активности и заложби, се’ тоа е градено со години, па затоа не знам како да протолкувам зошто не сакаат да дојдат во Центарот?! Нека кажат. Должност им е да дојдат“, нагласува Бачановиќ.

Министерството за социјална политика деновиве беше присутно на отворање на нов Дневен центар за деца и семејства во социјален ризик – „Гнездо“ во општина Центар. Воедно, оттаму потврдија дека е направен управен договор и со Здружението „Иницијатива за развој и инклузија на заедниците“ за дневен престој на деца во ризик во Шуто Оризари.

„Немам ништо против, нека се отвораат повеќе центри, нека работат истовремено. Но, неразбирливо е зошто да се заборави нешто што е проверено и потребно за заедницата? Зошто да бидеме затворени по се’ она што направивме за децата? Зошто да не се најде решение?“, прашува тој, очекувајќи разбирање и продолжување на континуитетот бидејќи, како што вели, тука работи искусен кадар, имаат акумулирано знаење и вештини, механизми на работа, но и поврзаност со децата и околината.

„Сите тоа е важно за еден дневен центар. Ние, веќе го имаме“, дециден е тој.

Радио МОФ веќе пишуваше дека работат на намалување на престојот на децата на улица. Центарот дава социјална, психолошка, педагошка и други видови помош. Дејноста не се заснова само на социјализација на децата, одвикување од питачење, стекнување работни и културни вештини, на хигиенски навики, описменување, вклучување во образовниот процес… туку и работа со нивните семејства. Односно, паралелно и родителите да бидат упатени, информирани и интегрирани на пазарот на трудот.

Од друга страна, поради немање финансиска поддршка, од Центарот деновиве доаѓаат хумани апели. Бараат да се донира храна, хигиенски средства, училишен материјал, надомест за простор неопходен за континуирана работа со децата и нивните семејства.

„Тимот што е останат е упорен, со надеж дека нешто ќе се смени, дека ќе го добиеме она што ни следува по скоро дведецениската работа“, констатира Бечановиќ.

Бојан Шашевски