Министерот Филипче го потпиша договорот за набавка на кинеската вакцина

Од Министерството за здравство известуваат дека министерот Венко Филипче го потпишал договорот за набавка на вакцини против Ковид 19 од кинескиот производител „Синофарм“.

Од Министерството истакнуваат дека преку склучувањето на договорот нашата држава преку кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200 000 вакцини кои ќе пристигнат во месец февруари. Оттаму истакнуваат дека точниот датум на пристигање и сите информации поврзани со испораката се очекува да биде утврден во следните денови.

Од институцијата нагласуваат дека поради почитување на одредбата од договорот за тајност, а во согласно со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, податоците што ги содржи договорот ќе останат доверливи.

„Вакцините од Кина во нашата земја ќе пристигнат на аеродромот во Скопје. Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде ќе се спроведува вакцинацијата. Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и проценка на капацитетите за складирање на целата количина“, се вели во соопштението од МЗ.

Според информациите кои министерот ги сподели на саботната прес-конференција, вакцината на Синофарм се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината.

„Овој тип на вакцини има оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по било кој основ. Конкретно за оваа вакцина на Синофарм, термините за вакцинација во ЈЗУ-а ќе бидат на 10 минути, по пациент. ЈЗУ-ата ќе работат во две смени со цел да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво. Според Наицоналниот план за вакицнација против Ковид 19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во Итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години“, информираше министерот.

Тој дополни дека сите вакцини кои се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните, нагласувајќи дека производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирана и од европското и американското регулаторно тело за квалитет на лекови.