Министерот Адеми зел диплома по 8 години студирање

Деканот на Факултетот за механичко инженерство на Политехничкиот универзитет во Тирана потврди дека Абдулаќим Абдулазис Адеми ги започнал студиите во 1988, а дипломирал во јуни 1996 година, пренесе Фокус.

Министерот Адеми земал диплома по 8 години студирање

Изјавите на деканот на Факултетот за механичко инженерство на Политехничкиот универзитет во Тирана, Андонаќ Лондо, доаѓаат по обвинувањата на албанскиот аналитичар Кастриот Мифтарај дека македонскиот министер за образование Абдулаќим Адеми ја купил дипломата за инженер по металургија во Тирана.

– Според основниот регистер на дипломите што ги поседува Факултетот за механичко инженерство, потврдувам дека Абдулаќим Абдулазис Адеми ги започнал студиите во 1988, а дипломирал во јуни 1996 година – изјави Лондо.

Албанскиот политички аналитичар Кастриот Мифтарај преку медиумите го обвини Адеми дека ја купил неговата универзитетска диплома за инженер по металургија во Тирана, Албанија.

„Адеми е познат во Тирана како човек што во 1996 година ја купил дипломата за инженер по металургија. Во 90-те индустријата за металургија, основана од Енвер Хоџа, престана со работа. Но Универзитетот за металургија продолжи да работи за некои луѓе да земаат плата, додека други, кои се занимаваа со политика, земаа плата и продаваа дипломи. Јас знам многу луѓе што работеа на таа катедра за да потврдам дека Адеми никогаш не бил на катедрата. Тој и денеска не знае каде се лабораториите, но ги знае само рестораните каде што ги чекал професорите за ручек и вечера, на кои на крајот им давал плик со германски марки за да ги помине испитите…“, пишува Мифтарај во неговата колумна.

Министерот Адеми исто така вчера ги демантираше ваквите наоди и рече дека обвинувањата се „лаги, клевети и измислици“.

Дневниот весник Вест објави дека обвинителството ќе го чека исходот од проверката на тврдењата дека на министерот Адеми дипломата му е фалсификат, која треба да ја направи Државниот просветен инспекторат.

„Во зависност од исходот од постапката на Државниот просветен инспекторат, Јавното обвинителство ќе донесе одлука дали ќе поведе постапка или не за изнесените тврдења”, изјави државниот јавен обвинител Марко Зврлевски за Вест.

Извор: Фокус, Вест