Мифтарај: Адеми ја купи универзитетската диплома во Тирана

Албанскиот политички аналитичар Кастриот Мифтарај во колумна објавена на албанскиот портал Лајм прес во јануари годинава, пишува дека министерот за образование и наука, Адеми ја купил својата универзитетска диплома во Тирана.

Мифтарај: Адеми ја купи универзитетската диплома во Тирана

Според него, Адеми е познат во Тирана како човек што во 1996 година ја купил дипломата за инженер по металургија.

Аналитичарот Мифтарај во изјава за порталот МКД.мк ги повторува своите обвинувања и вели дека факултетот што е наведен во официјалната биографија на Адеми во Тирана – не постои.

„А тој вели дека дипломирал во Тирана и станал дипломиран инженер по металургија на Политехничкиот факултет. Такво нешто во Тирана нема. Господинот Адеми не го знае ни името на факултетот. Во Тирана има Политехнички универзитет, каде што има Факултет за природни науки, каде што пак има оддел за металургија. Господинот Адеми е свесен за овие информации што се однесуваат на неговата интелектуална авантура во Тирана. Ако сака да одиме на суд, јас сум подготвен, а имам и едно бизарно изненадување за него. Тоа е добро позната тајна во Тирана“, вели Мифтарај за порталот МКД.мк.

Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со одговорните лица за односи со јавност во Министерството за образование и наука за да добие коментар за обвинувањата изнесени во медиумите за биографијата на министерот Абдилаќим Адеми, но тие не одговорија на нашите телефонски повици.

Адеми деновиве е во фокусот на јавноста откако по најавите за воведување на екстерно тестирање за студентите, неколку илјади студенти излегоа на студентски марш против предлогот за ваква реформа во високото образование.

Извори: mkd.mk, lajmpress.com