Државата и општините Скопје, Тетово и Битола потрошиле над 14 милиони евра милиони евра за субвенции за инвертер-клими, кои треба да ги заменат печките на дрва со кои се греат домаќинствата. Но, државните институции не водат евиденција, ниту, пак, направиле анализа за состојбата пред и по субвенциите, па останува непознато колкав е ефектот од нив, стои во групната сторија на Здружението на новинарите на Македонија. Доколку се постават инвертери во 40.000 домови во Скопје и околу 100.000 домови во целата држава, колку што се греат на дрва, според статистичките податоци од пописот во 2021 година, загадувањето во зима би се намалило за половина, вели професор д-р Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола.
Лани, земјава беше втора најзагадена во Европа
На европската мапа на држави каде што граѓаните дишат загаден воздух, Северна Македонија честопати се наоѓа меѓу првите пет места, додека на светските мапи влегува во топ 20. Само лани, според податоците од Европската агенција за животна средина, Северна Македонија се рангираше на третото место во Европа по годишна просечна концентрација на ПM 2,5 честичките (многу ситни, штетни честички, кои влегуваат длабоко во белите дробови и понатаму во крвотокот). На оваа листа, друштво ѝ прават Босна и Херцеговина, Турција и Италија, со надминување на границите на годишните просечни концентрации на ПМ 2,5 честички за 5 пати над дозволеното според Светската здравствена организација.
Лани, земјава беше и втора најзагадена во Европа со ПM 2,5 концентрација од 23,3 µg/m³, додека Босна и Херцеговина имаше 25,3 µg/m³. Покрај главниот град Скопје, со висока загаденост се и Битола и Тетово.
Во овие три градови живеат околу милион жители, односно речиси две третини од населението во државава. Граѓаните чувствуваат дека загаденоста им го влошува здравјето.
„Имам астма. Лекарот рече, ако продолжи вака, ќе стигнам и до ХОББ (хронично опструктивна белодробна болест), вели 43-годишната жителка на скопската населба Лисиче, Софија Б.
„Воздухот станува тежок, заматен и буквално чувствувам како да вдишувам пепел. Не знаев дали е бронхит, астма или алергија, па на крај излезе дека е загадениот воздух“, ни изјави скопјанецот Стојан Доневски. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), лани објави поразителна статистика, според која, речиси 18 отсто од вкупната смртност во државава може да ѝ се припише на изложеноста на концентрациите на ПМ 2,5 честички.

Паркинг во Скопје (Фото: Билјана Богдановска)
Истражувањата на лабораторијата АМБИКОН покажаа дека согорувањето биомаса е најчест загадувач на воздухот во зимските месеци. Тука спаѓа греење на дрва, остатоци од земјоделски култури и цврст комунален отпад.
Скопје меѓу 10-те најзагадени градови во светот
Скопје, во зимските месеци, беше меѓу 10-те најзагадени градови во светот, покажуваат рангирањата и извештаите на водечките светски платформи за квалитетот на воздухот и мониторинг. Податоците од мерните станици, особено во зимските месеци, беа со просечна вредност на ПМ 2,5 честичките над 60 µg/m³ и индекс на квалитетот на воздухот (AQI) над 150, што спаѓа во категоријата нездрав воздух.
Според новите европски стандарди, граничната вредност за ПМ 2,5 е 10 µg/m³, додека Светската здравствена организација препорачува само 5 µg/m³.
„Но, доколку се постават инвертер-клими во 40.000 домови, во Скопје и околу 100.000 домаќинства во целата држава, колку што се греат на дрва, според статистичките податоци од пописот во 2021 година, загадувањето во зима би се намалило за половина“, вели професор д-р Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола, за потребите на ова истражување.
Тој ја објаснува предноста на инвертерите за намалувањето на загадувањето од ПМ честичките.
„Според студиите, едно домаќинство со дрва може да испушти 30-70 кг ПМ честички годишно. Инвертер клима-уред испушта 0 кг ПМ 2,5/10, бидејќи не согорува ништо на местото на инсталацијата. Доколку електричната енергија се добива од обновливи извори (сонце, ветер, вода), тогаш не се испуштаат ПМ честички воопшто“, ни изјави тој.
Трошокот голем, ефектот никој не го мери
За да се намали загадувањето од загревањето на домовите, од 2019 година, владата и дел од општините почнаа да даваат субвенции за граѓаните да набават инвертер-клими. Целта на мерките беше замена на нееколошките начини на загревање на домовите со еколошки решенија.
Од Град Скопје, кој од 2019 година субвенционира инвертер-клими во замена за стари печки, не одговорија на нашите прашања колку клими досега ги замениле печките на дрва во скопските домаќинства. Според податоците од завршните сметки од 2019 до 2022 година, за таа цел биле потрошени 7,7 милиони евра.
Општина Битола, од 2019 до 2025 година дала 2,7 милиони евра, при што се вградени 3.206 инвертери во период од шест години. Општина Тетово доделила субвенции во 2020 и во 2021 година, во вредност од 1,5 милион евра за 1.590 клима-уреди.

Греење и на сончев колектор и на дрва во зима во Скопје (Фото: Билјана Богдановска)
Според одговорите што ги добивме од Министерството за енергетика, само годинава, за 6 илјади ваучери за инвертер-клими биле потрошени 2,4 милиони евра. Во 2019 година, од државната каса беа одвоени 10 милиони евра за субвенции за клими за 10 илјади домаќинства.
Од 2007 година до 2023 година, Министерството за енергетика субвенционирало и соларни колектори и печки на пелети, во вредност од 3,2 милиони евра. Но, оттаму не одговорија колку вкупно пари од државната каса се исплатени за инвертер-клими во изминативе пет години и колку инвертер-клими во тие години ги замениле печките на дрва.
Според Трајковски, ако се направи компаративна пресметка на трошоците за субвенции за инвертери, на пример, според целосните податоци од Битола, која е меѓу поактивните општини во доделувањето субвенции (2,7 милиони евра за 3.000 клима-уреди, односно околу900 евра по домаќинство) – тоа би значело дека во државни рамки, за 100.000 домови со истата цена би било потребно субвенционирање на околу 90 милиони евра.
Но, анализа за ефектите од досега потрошените пари сѐ уште нема.
„Не поседуваме информации, бидејќи Министерството за економија нема направено реална состојба и индикатори за следење пред отпочнувањето на мерката“, ни одговорија од Министерството за енергетика, кое ги презеде ингеренциите од Министерството за економија за доделување на субвенциите.
Бидејќи ефектите од вградувањето инвертери никој не ги измерил, нема податок дали и колку тоа го намалило аерозагадувањето, дали се доделени доволен број инвертери во споредба со вкупниот број семејства што се греат на биомаса и нема прецизни насоки како ќе се постапува во иднина.
„Во моментов немаме целосен увид во тоа колку домаќинства навистина го промениле начинот на греење и какви се ефектите од тоа врз намалувањето на аерозагадувањето, но со оглед на статистиката за загаден воздух, речиси маргинални. Различни институции, во различни периоди се одлучиле за субвенција на инвертери, но без подлабока анализа или долгорочна стратегија. Притоа, знаеме дека за да има вистински ефект врз аерозагадувањето, потребна е пренамена кај најмалку 40.000 домаќинства во Скопје, односно околу 100.000 низ целата држава. Без тоа, резултатите ќе останат симболични“, изјавија од О2 иницијатива, граѓанска организација за заштита и одбрана на природата и обезбедување чиста и здрава животна средина, за потребите на ова истражување.
Која е алтернативата?
Премиерот Христијан Мицкоски, на надзорна расправа за загадувањето во Собранието (26 мај 2025) посочи дека едно од клучните решенија за намалување на аерозагадувањето е изградба на когенеративни гасни централи, за што владата најави дека бара партнери.
Според професорот Трајковски, пак, потребно е системско субвенционирање, со фокус на најзагадените подрачја, во комбинација со енергетска ефикасност на домовите (изолација, прозорци).

Широк Сокак во Битола (Фото: Билјана Богдановска)
Според него, за станбените блокови соодветни би биле централизирани решенија, како што е топлификација или, пак, топлински пумпи, додека за куќите индивидуални клими, а паралелно да се развиваат обновливи извори на енергија, со посебен акцент на системи за складирање на енергијата (реверзибилни хидроцентрали со 5-10 отсто батериски системи за складирање). Професорот Трајковски, исто така, смета дека е потребно и финансиски да се поддржуваат помалку имотните и сиромашни домаќинства.
Инвертер-климите се признаваат како ефикасно и едноставно средство за намалување на количествата на ПМ честичките во воздухот, затоа што трошат трипати помалку струја од термоакумулационите печки или обичните греалки, а, од друга страна, се намалува локалното загадување со замената на печките на дрва. Доколку се направи системско планирање, оваа мерка може да биде ефективен инструмент за намалување на загадувањето. Тоа го потврдуваат и од О2 Иницијатива. Според оваа организација, потребен е сеопфатен план, кој ги адресира сите извори на аерозагадување, греење, сообраќај, индустрија, урбанизам и нивно сведување на минимум, а уште поважно – мерење, објавување на резултатите и отчетност.
Новинарска екипа: Билјана Богдановска, Зорана Спасовска, Сунчица Стојановска
Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот.