Милчо Манчевски: Во Македонија сум на црна листа

Најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски во интервју за српскиот весник Вечерње новости вели дека во Македонија, и покрај домашниот и меѓународниот успех, последните неколку години е на црна листа.

„Иако се под македонско знаме, моите филмови се однесуваат на општочовечките прашања, а во нив како копродуценти учествуваа: Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Бугарија, како и компании од Шпанија и фондот “Еуроимаж”. Странските партнери во овие филмови, работени во Македонија, вложија пет евра на секое евро што го вложи македонската држава. Сепак, Министерството за култура не сакаше да влезе во “Пред дождот” до пред самиот крај на снимањето. Во последниот филм што е снимен во Македонија, државата вложи повеќе пари отколку што вложи во сите мои филмови заедно. Смешно е што, и покрај домашниот и меѓународниот успех, последните неколку години сум на црна листа“, вели Манчевски.

„На последниот филм работев со екипа од неколку земји, како и на сите мои филмови. На „Пред дождот“, на пример, работеше екипа од 13 земји, но екипата од Белград ме воодушеви – млади, но професионални и посветени, одлични филмаџии… Јас се чувствувам како дома во Белград, а не само во Скопје или Њујорк, затоа што ме создале, како човек и како уметник, сите искуства што сум ги имал, во Македонија, во Илиноис, и во Југославија, и во Њујорк, и во Лондон… Јас од Балканот не се срамам“, вели Манчевски.

Швајцарскиот филмски центар Филмподиум неодамна го вброи „Пред дождот“ меѓу 500 најреволуционерни остварувања во историјата на филмот.

„Не е мала работа, би му ласкало на секој автор. И Њујорк тајмс го вброи “Пред дождот” во 1000 најдобри филмови на сите времиња. Убаво е тоа да се чуе. Но, филмовите не се прават поради награди или признанија. Филмот се прави за авторот да создаде нешто убаво, да му понуди на гледачот некое чувство, или некој концепт. Уметноста се прави поради самата уметност. Авторот комуницира со делото, а не со публиката. Уште помалку со критиката која ги доделува наградите. Уметноста е како религија – таа не е прашање на преговарање“, вели Манчевски.