Мијатовиќ: Високите казни за клевета може да уништат медиуми

Случаите каде медиумите се казнуваат со високи казни за клевета може да резултираат со финансиски загуби и затворање на некои медиуми и ова мора итно да се смени, порача на денешната прес конференција претставничката на ОБСЕ за слобода на медиуми, Дуња Мијатовиќ.

Мијатовиќ: Високите казни за клевета може да уништат медиуми

Таа беше на средба со премиерот Никола Груевски и министерот за информатичко општество, Иво Ивановски на која ја дискутирале имплементацијата на неодамна усвоените медиумски закони, реформата на јавниот сервис, легислативата за клевета како и владините реклами и кампањи.

„Во состанокот со Груевски и Ивановски исто така ја покренав темата за клеветата. Се сеќавате дека ја поздравив декриминализацијата на клеветата во Македонија. Но иако ова беше позитивен чекор, она што го гледам денес се повеќе случаи каде казните може да резултираат со финансиски загуби и затворање на некои медиуми. Ова може да го загрози медиумскиот плурализам и нешто мора да се направи за да се смени“, рече Мијатовиќ

Според неа, неодамна усвоените медиумски закони се добри, но треба да се види како ќе бидат имплементирани и дали ќе одиграат некаква улога во подобрување на ситуацијата со медиумите.

Мијатовиќ истакна дека на средбата со премиерот било дискутирано и за проблемот со владините кампањи и рекламирањето на јавните тела и доделувањето на јавните средства на одредени медиуми како и недостатокот на транспарентност.

„Ова може да да создаде проблем и преголема зависност од јавно финансирање и постои потреба за поголема транспарентност“, додаде таа.

Мијатовиќ истакна дека се сретнала и со новинарот Томислав Кежаровски кој е во домашен притвор и нагласи дека таа продолжува да го следи одвивањето на овој случај.