Михајло Грбевски-Мишко утре пред „До Ре Ми“ ќе промовира книга со музички интервјуа

Книгата со наслов „Rock n` Beat“, на авторот Михајло Грбевски-Мишко, ќе биде промовирана во петок (утре, 18 јули), со почеток во 12 часот.

Промоцијата ќе се одвива на платото пред музичкиот салон „До Ре Ми“, во рамките на Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот е во склоп на културната манифестација „Скопско лето“.

„Rock n’ Beat“ е најавена како „текстуално документирани ликовни перформанси“.

Таа содржи 48 интервјуа, што тој ги правеше во изминативе 18 години, додека активно работеше како новинар во различни македонски медиуми, како што се неделникот „Екран“, дневниот весник „Време“ и неговиот неделен прилог „Ритам“, како и во весникот „Нова Македонија“. Инаку, освен како музички рок-критичар, Мишко е познат и како организатор на фестивалот за „Рок Фест“, кој за жал веќе неколку години не се одржува, но според најавите, може повторно да се реобнови.

Промотори на книгата се Тони Димков – новинар од областа на културата и Ненад Георгиевски – музички новинар.

Музичка поддршка ќе биде Јаков Дренковски.