„Државата има институции, ги повикувам да постапуваат по случајот. Што се однесува до градоначалничката на Скопје многу работи се кажаа, не би имал што да додадам“, рече денеска на кратко премиерот Христијан Мицкоски, откако беше прашан да го коментира случајот со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која вчера објави дека била нападната во Чаир.
Арсовска соопшти дека со соработници биле вербално и физички нападнати за време на увид на дивоградба во Чаир за која, како што рече, досега се поднесени неколку пријави, а таа продолжува и натаму илегално да се гради.
Според Арсовска, инцидентот се случил во присуство на полицајци, а по излегување од полициска станица нагласи и дека имало обид да се прикрие настанот, со цел да се заштити лицето што ја нападнало и навредувало. Таа на социјалните мрежи на неколку пати објави и видеа и слики што ги поврзува со напаѓачот и целиот случај.
Министерот Панче Тошковски во интервју со Телма потврди дека имало „физички контакт“, а после тоа е побарана полициска интервенција. Во вчерашното вечерно гостување на Сител, пак, кажа дека полиција дошла на локацијата по повик, ама дополнително во целост ќе се утврдува фактичката состојба за нивното постапување.
Воедно, Тошковски рече дека Арсовска по настанување на инцидентот била повикана да дојде во полициска станица, но не дошла. Исто така, откако дошла, потоа си заминала од станица без да го потпише записникот.