Мицкоски: 250 евра за студентите за набавка на електронски уреди од септември

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека ваучерите од 250 евра за студентите за купување на електронски уреди ќе бидат доделени од наредната академска година. Оваа мерка за првпат беше најавена во октомври минатата година.

„Тие пари се предвидени во буџетот. Процедурата во рамките на Владата, односно Генералниот секретаријат е отпочната. Се дефинираат критериумите и нормално е дека чекаме да отпочне новата студентска година затоа што еден од критериумите е да студентите имаат заверен семестар. И ги чекаме овие бруцоши коишто сега ќе се запишат за да го заверат семестарот и да може да ги добијат тие 250 евра помош од државата за купување на електронски уреди. Така што веќе во септември месец, јас сум сигурен дека тоа ќе се случи“, рече Мицкоски.

Премиерот ја искористи приликата да ги разубеди и успокои сите политички партии кои „во паузата од некрофилија рефлектираат и ваков тип на дилеми во јавноста“.

„Тоа што ВМРО и оваа Влада ветуваат, во којашто се политичките партии ВРЕДИ, коалицијата ВРЕДИ, политичката партија ЗНАМ и нашата коалиција, тоа што ние го ветуваме, тоа го испорачуваме, но се разбира во зависност од приоритетите, бидејќи многу приоритети има, мора многу дупки и многу лоши работи од минатото да се санираат коишто ги наследивме“, истакна тој.