МЕСА организира онлајн гејминг викенд во Дота 2, Клеш Ројал и шах

Во текот на престојниот викенд Македонската Еспорт Асоцијација (МЕСА) најавува онлајн натпреварувања во три игри.

На агендата во сабота (15.08) е натпреварување 1 против 1 во популарната Дота 2, во недела (16.08.) ќе има онлајн гејмање на мобилната игра и интернационална сензација Клеш Ројал, додека финалниот ден (понеделник, 17.08) ќе има турнир во шах, за кој организаторите велат дека со помош на интернетот во последно време повторно има огромна популарност.

„Сите овие натпреварувања ќе се одвиваат онлајн со цел помогање во борбата против нашата нова реалност, пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19“, велат од МЕСА.

Како и на досегашните настани на МЕСА, борбата помеѓу играчите ќе биде пренесена во живо на најголемата интернет платформа за стриминг Twitch.tv, односно на Twitch.tv/mesa_esports.

„Ги покануваме сите заинтересирани заедно да ги проследиме овие турнири кои се дел од Gaming Weekend, како и секогаш не очекува забавна дружба со гејминг заедницата и одлично натпреварување помеѓу играчите“, соопштува МЕСА.