Меѓународна изложба „Time collectors project“ во Чифте амам

Во националната галерија Чифте Амам ќе се отвори меѓународната изложба „Time collectors project“, каде ќе бидат прикажани дела на 16 домашни и странски уметници.

Time collectors project

Отворањето на изложбата е најавено утре (13 мај) во 20 часот, а учесници се : Биба Кајевиќ (Македонија), Гаврило Миловановиќ (Македонија), Лана Васиљевиќ (Србија), Горан Деспотовски (Србија), Силвија Горак (Полска), Мирна Арсовска (Македонија), Душан Перчинков (Македонија), Кирил Геговски (Македонија), Серџо Парела (Аргентина-Англија), Феликс Брасје (Франција-Англија), Паоло Чампини (Италија), Мустафа Узбакир (Турција), Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Владимир Симоновски (Македонија), Владо Ѓорески (Македонија) и група „Колегиум“ (Македонија).

Автори и куратори на изложбата се Биба Кајевиќ и Дејан Буѓевац, а нивната идеја е всушност прашањето кои се тие визуелни слоеви и поетски естетизации на сликата „време“, кои го „продлабочуваат“ нејзиниот линеарен, хронолошки, историски, психо-социјален, геополитички, економски и (пост)идеолошки карактер? Кои се тие визуелни постапки во мноштвото „парцијални резови на времето“, кои можат да се третираат наспроти „клатното на сегашноста“, односно денешната невротична и хистерична димензија на „времето“ позната како ера на брзини, на глобалната претстава за неповторливата краткост на живеењето или на силните резови во еден правец?

Изложбата се состои од дела изработени во разни медиуми како што се сликарство, цртеж, графика, фотографија, видео, инсталации. Се работи за поставка во која авторите на изложбата вклучиле уметници од повеќе генерации, различни по својот визуелен, естетски, поетски и ликовен јазик и културен сензибилитет. Проектот својот почеток како изложба го имаше минатата година во просториите на НУ Завод и Музеј Битола, кога учествуваа дел од авторите.