Меѓународна конференција за модели за регулирање на дроги на 18 и 19 ноември

Коалиција Маргини и ХОПС организираат Меѓународна конференција за модели за регулирање на дроги што ќе се одржи на 18 и 19 ноември 2020. Конференцијата ќе биде онлајн – пренесувана во живо на Facebook страниците на Коалиција Маргини и ХОПС.

„Kонференција има за цел да иницира дискусија за моделите за регулирање на дрогата како почетна точка за декриминализација на личната употреба на дрога во Северна Македонија. Конференцијата ќе ја претстави новата публикација: ‘Декриминализацијата на дрогите како основа за хумана и ефективна политика за дроги – Анализа на португалскиот и холандскиот модел на декриминализација’, како два модела од кои македонските носители на одлуки можат да научат и да започнат дискусии за можниот македонски модел за регулирање на дрогите“, велат организаторите.

Првиот ден се планира конференцијата да биде фокусирана на здравствените и социјалните придобивки од декриминализацијата, а вториот ден ќе се стави акцент на декриминализацијата на дрогите и улогата на кривично правниот систем.

Конференцијата се организира во партнерство со организацијата ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, а е дел од пректот на Коалицијата Маргини: „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, и дел од проектот ХОПС „Унапредување на човековите права на сексуалните работници и луѓето кои употребуваат дроги во Северна Македонија / Институционална поддршка 2020“, и двата поддржани од Фондација Отворено општество – Македонија.