Меѓународен Саем за образование во Битола

Амбасадата на САД, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ и Американското катче во Битола приредија Саем за образование, наменет за младите луѓе од градот и регионот кои се заинтересирани за платени стручни пракси за студенти од Техничките факултети, учество во меѓународни проекти, кариерно советување, студентска размена и други академски можности.

Според Бенџамин Линџмен, претставник на канцеларијата за односи со јавност во амбасадата на САД, на младите луѓе од регионот и државата им се нудат бројни програми за едукација и професионален развој и истите непречено може да се користат од апликантите.

„Ги поттикнувам младите луѓе да се информираат за можностите кои ги нудиме, програмите за размена на студенти и студирање во Америка, програмата „Јес/Yes“ за средношколци кои исто така може една година да учат во САД, како и Фулбрајт-програмата која е заедничка меѓу владите на САД и Македонија која овозможува стипендирање за додипломски и постдипломски студии“, истакна Линџмен на Саемот за образование во Битола.

Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола освен логистичка овозможува и стручна поддршка на Саемот и затоа прерасна во традиционален, истакна Елизабета Бахтовска, проректор за наука во УКЛО.

„УКЛО врши интензивна соработка и вмрежување во различни меѓународни програми, членува во Европската асоцијација на универзитети, УКЛО е вклучен во програмата за доживотно учење, како и меѓународната програма за истражување „Хоризонти 20-20“. Денешниот настан овозможи подобро информирање на студентите за можностите за обуки, учества на летни и зимски школи и други понуди“, посочи Бахтовска.

На Саемот за образование во Битола со свои штандови се претставија Американската амбасада, Американското катче, Кариерниот центар-КРЕДО, Француската Алијанса и Институт, АИЕСЕК-Прилеп, ИАСТЕ-Битола, ИМКА-Битола, СФЕРА-Битола, ЦЕЕПУС и други.

Извор: МИА