МЕГАФОН

МЕГАФОН

„Мегафон“ – Емисија која го засилува вашиот глас, поттикнува дебата на актуелни теми и претставува приказни за кои помалку се слуша.

ШЕСТА СЕЗОНА

 

Епизода 9

Во светот 28 мај се одбележува како ден на менструална хигиена, и овој ден служи како потсетник за подигнување на свеста и преземање акција до 2030 година секој да може да си дозволи производи за одржување менструална хигиена.

Во Македонија иницијатива за обезбедување на бесплатни производи за менструална хигиена забележавме во 2021 година кога Советот на Град Скопје донесе одлука за издвојување средства за бесплатни производи во средните училишта кои се наоѓаат на територијата на Градот. Сепак, средношколките не го добија ова право во годината што следуваше, учебната 2022/23. Премиерот Димитар Ковачевски во декември лани најави намалување на т.н „Розов данок“ од 15% на 8% за сите менструални производи, но и натаму не се знае како оваа одлука ќе се имплементира и кога ќе биде тоа, па ситуацијата со менструалната сиромаштија како да цупка во место.

Со Јана Коцевска, извршна директорка на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк“. кое заедно со иницијативата „ПЕРИОД.Скопје“  утре (31 мај) ја организира конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите“ во новата епизода на Мегафон разговараме за резултатите од нивното истражување „Менструална правда“ за менструалната сиромаштија и за тоа што треба да се направи за конечна промена на состојбата.

Епизода 8

Соочување со минатото, избегнувањето на црно-белата перспектива, емпатијата и помирувањето се чини дека се тешки борби на Балканов, место во чија историја се измешани солидарноста и крвопролевањето.

Распадот на Југославија, растот на националистичкиот наратив и војните придонесоа младите на Балканот да растат во мултиетничка, но сепак поделена средина.Во една ваква состојба регионалното списание „Балкански Перспективи“, поддржано од Форум ЗФД се труди преку своите текстови да отвори прашања кои би помогнале во демократизацијата на Западниот Балкан. За тоа какви се Балканските перспективи зборуваме со Мартин Филиповски.

Епизода 7

Новата Национална стратегија за млади за периодот од 2023 до 2027 година неодамна беше финализирана и претставена пред јавноста. Следниот чекор е таа да се усвои од Владата и да почне нејзината имплементација, но и фактички да ја замени веќе постоечката стратегија која моментално важи до 2025 година.

Согласно Законот за младинско учество и младински политики, Агенцијата за млади и спорт е институцијата која е задолжена да го спроведе и координира процесот на креирање на националната стратегија, која се изработува во соработка со повеќе страни. Во оваа епизода на подкастот Мегафон зборуваме со Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт (АМС) за тоа што сѐ опфаќа стратегија, како се планира таа да се спроведе, но и целокупниот процес на нејзината изработка.

Епизода 6

Македонските граѓани се меѓу најхомофобичните и најксенофобичните во Европа, а истовремено и меѓу најрелигиозните. Имаат силни авторитарни ставови, не им веруваат во институциите, но не се ниту нешто посебно заинтересирани да учествуваат во демократските процеси за да ги променат работите. Подложни се на теории на заговор, се сомневаат во науката и сметаат дека живеат во држава со лошо образование, лоша економија и лоши политичари.

Ова го покажуваат податоците од Европското општествено истражување, во кое за првпат учествуваше и Македонија. Станува збор за голема компаративна анкета која се спроведува повеќе од 20 години во Европа. Последниот бран од истражувањето беше спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, преку теренска анкета на примерок од 1.429 испитаници. Во последното истражување ставовите на македонските граѓани се споредуваат со ставовите на 24 европски држави.

Епизода 5

Активисти од цела држава кои работат на родова еднаквост, ЛГБТИ+ еднаквост и меѓуетнички соживот се здружија во Младинска мрежа за еднаквост, која периодов беше лансирана во склоп на петтиот роденден на Здружението за едукативен развој, Еквалис.

Како оперативно дело на организацијата, мисијата на Мрежата е да ги вклучи младите од маргинални идентитети во процесите на донесување одлуки, да ги елиминира стигмите, предрасудите и стереотипите преку безбеден простор, активизам, лобирање и локална волонтерска работа.

Во нашиот подкаст #Мегафон, средношколката Софија Матовска објаснува зошто една од нивните први цели им е да ги мобилизираат младите за ангажман во општествено корисни движења.

Епизода 4

„Потребно да се даде дополнителен поттик за татковците да можат да останат и да се грижат за своето бебе.  Дотолку повеќе за работодавачите кои сѐ уште се убедени дека ‘тоа е работа на мајката и нема што тука татковците да се плеткаат’“, вели Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Атанасова е наш соговорник во новиот подкаст #Мегафон, каде зборуваме за предлог-законот за работни односи со кој би се дало можност за породилно отсуство и на татковците. Со новитетите, првите 20 недели ќе ѝ припаѓаат на мајката, за потоа секој од родителите да има по дополнителни четири месеци.

Епизода 3

Билјана Димитрова е уметник, активист, едукатор, другар. Таа е морален водач на дружината што доаѓа во „Колектив Ветерница“ и „Партизанска Штампа“, еден хибрид на автономен културен центар кој се занимава со перформативни и визуелни уметности, но и во доменот на она што се вика ангажирана уметност.

Работат со деца со типичен и атипичен развој, исто така и со возрасни, а преку активностите се обидуваат да направат база за понатамошен развој на уметностите, генерално.

Во овој Мегафон, Билјана ни раскажува за мисијата на „Колектив Ветерница“, дека уметноста е таа која може да направи позитивни промени, особено во инклузивното образование, а бенефит би имале сите.

Епизода 2

Скорeшната дискусија по повод новиот Документ за јавни политики „Младинска вклученост во единиците на локалната самоуправа“ од Младинскиот образовен форум повторно ја поттикна темата за младите и нивниот интерес за вклучување во општеството, а застојот во имплемeнтирањето на Законот за младинско учество и младински политики го „сервираше“ на тркалезна маса.

И по 2 години од усвојувањето на Законот, само во 10 општини има формирано Национален младински совет, а истовремено земјава бележи тренд на намалување на бројот на младо население, односно негово иселување.  Зорана Антовска беше една од учесничките во дискусијата, воедно таа е дипломиран политиколог, а во моментов и студентка на мастер студии по Меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија.

Во оваа епизода на Мегафон разговараме со Антовска за позицијата на младите од помалите населени места и нивната инволвираност и ангажман во општеството.

Епизода 1

„Младите не ги гледаме точно позиционирани во целава криза што ни се случува. Тие некако се подразбираат во семејствата. Ама, она што се заборава, во суштина е дека млади се до 29 години и дека многу се носители на семејства. Не секогаш младите треба да ги третираме само како категорија во образование, или во вработување. Ама, до 29 години веќе се и родители. Можеби веќе размислуваат и за прв стан, прв дом, значи да се осамостојат. Веројатно имаат други приоритети на работното место, веројатно веќе не се практиканти, волонтери, веќе размислуваат и за посериозна, постабилна позиција и можеби им треба и ново дообразование. Оваа криза сето тоа го запре“, вели Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

Дуковска е соговорник во новиот подкаст „Мегафон“, каде разговараме за животниот стандард, егзистенцијаните проблеми на младите, како тие преживуваат и се снаоѓаат во економската и енергетска криза.

ПЕТТА СЕЗОНА

Епизода 9

Младите се незаинтересирани за политичките настани и случувања во земјата. Истовремено сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите, а голем дел од нив досега не биле вклучени од институциите при носењето одлуки. Овие, но и многу други податоци излегоа на површина преку третото истражување „Социо-политичко учество на младите во Северна Македонија“.

Во новата епизода на Мегафон, зборуваме со истражувачот Мартин Галевски, кој беше еден од авторите на минатотогодишното издание на истражувањето.

Епизода 8

Креативниот офлајн активизам во последните години донесе ајкули во Вардар и возен ред на галиите што го прикажуваа апсурдот на „Скопје 2014“. Споменикот на дијазепамот ја потенцираше општествената депресија, а кабини за чист воздух се поставуваа низ градот во периодот кога Македонија беше меѓу најлошите светски држави според аерозагадувањето. Во регионите кои најмногу се празнат никнуваа патокази со број на иселени лица, додека некои дрвја буквално добиваа очи за да се скријат од налетите на урбанизација…

Творец на голем дел од овие герила-артивистички акции кои никнуваа низ Македонија изминативе години е Никола Писарев, од Центарот за современи уметности. Тој е еден од првите кој почна да користи креативни комуникации во проектите на граѓанските организации за решавање на различни проблеми на заедниците.

Епизода 7

Најмалку 10.000 граѓани од маргинализираните заедници се под здравствен ризик поради намалувањето на буџетот за Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција.

Меѓу нив се и Ромките, кои веќе една деценија се соочуваат со немање на гинеколог, како и со недостаток на матични лекари и патронажни сестри. Со буџетските кратења, значително се намалија средствата за бесплатно породување на жените без лични документи, бесплатна фолна киселина и бесплатни прегледи за време на бременоста.

Епизода 6

4 часот наутро во Украина одекнуваaт силни експлозии со кои почнува воениот напад на Русија. Звуците ги буди Стефан Ангеловски и неговата девојка Вероника, кои во тие моменти се наоѓаат во Одеса.

Воената инвазија врз Украина ги натера да избегаат од државата и да се вратат во Скопје. Сега тие се на безбедно, но им следуваат нови предизвици – што понатаму? Во новата епизода на „Мегафон“ разговараме со Ангеловски за нивното искуство откако започна инвазијата и враќањето кон дома.

Епизода 5

„Младинската секција не е само секција, туку е и протест против состојбите во медиумите. Само добро тренирани и високо мотивирани новинари можат да одговорат на својата работа во општеството. А, тоа е да бидат чувари на вистината“

Вака Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) ја објаснува потребата од Секцијата за млади на Здружението на млади на Македонија (ЗНМ). Идејата за Секцијата е зачната уште пред некоја година, а сега веќе таа е официјално формирана и промовирана во јавноста.

Епизода 4

Младинските прашања и политики многу ретко заземаат место на седниците во законодавниот дом. Интересот за нив е мал, иако има напредок во споредба со изминатите години, забележува младата пратеничка Моника Зајкова.

Младите пратеници кои треба да ги застапуваат овие тематики се исто така во мал број. Тие од 2017 година се обединија во неформален Клуб кој функционира при Собранието. Во него членуваат десетина млади пратеници од различни партии, на возраст до 35 години, меѓу кои е и Зајкова.

Епизода 3

Дали денес ќе понесете чадор со себе или не, или како во иднина ќе гласате за локална и државна власт, може значително да зависи од фактот колку сте подлoжни на дезинформациите.

Преку интересна паралела помеѓу приготвување торта и создавање на една дезинформација, Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии објасни што значи овој феномен во медиумскиот свет и како тој може да влијае во општеството.

Епизода 2

Возможно ли е да го избришиме нашиот сајбер отпечаток? Како да се заштитиме од потенцијален сајбер инцидент? Која е врската помеѓу сајбер безбедност и демократијата? На овие и на уште неколку други прашања зборувавме со Гоце Арсовски од организацијата Метаморфозис, кој има долгогодишно искуство во оваа област.

Епизода 1 

Колкава е платата на градоначалникот, а колку зема советникот? Што работат тие и дали имаат работно време? Зошто да гласаме на локални избори и колку се тие важни? Во очи на локалните избори, на оваа тема разговараме со еден од омилените доценти на Правниот факултет во Скопје – Марко Кртолица.

ЧЕТВРТА СЕЗОНА

Епизода 12

Што се тоа младински работници, зошто се важни, но и што предвидува новиот Закон за млади во врска со новите младинските центри и луѓето кои ќе работат во нив? Последниот „Мегафон“ за оваа сезона го посветивме на младинските политики. Во него зборуваат Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа, Катерина Поповска од здружението „Сфера“- Битола и Владимир Костовски, генерален секретар на Сојузот на извидници.

 Епизода 11

Валентин Ракип има 19 години и е продавач на списанието „Лице в Лице“. Има шест браќа и сестри, а во слободно време сака да спортува – да вози ролерки или велосипед. Но, Валентин е дете фантом – тој нема лични документи, па не може да заврши средно образование, да има матичен лекар и да патува. За тоа како е да си дете фантом во земјава, слушнете во овој подкаст.

Епизода 10

Во пандемија, под протоколи, но со голем ентузијазам, се одржа десеттото, јубилејно издание на Конференцијата за социјален активизам ENGAGE. Младите активисти му пркосеа на времето во кое живеат, на стравот и на апатијата, но уште еднаш покажаа дека во земјава има луѓе кои сакаат да ги променат работите и не се плашат од неуспех.

Во овој „Мегафон“ со нив зборуваме за тоа кој e мотивот зад нивниот активазам и што е потребно да направат младите за нивните идеи да не останат само желба, туку да бидат реализирани. Во него ги имаме Борче Стаменов од иницијативата „Донирај компјутер“; Александра Манолчева од „Ways2Help“; Стефан Алексиќ од „Challenger“, Петар Антевски од „Пресврт“ и Денис Јанкуловски – Космонаутко.

Епизода 9

„Алфашизам“, „Убијци“, „Живот не се враќа“, „Стоп за полициска бруталност“.

Ова се извиците што пред 10 години одекнуваа по скопските улици. Протестите дојдоа откако  вечерта на 5 јуни, 2011 година, партијата ВМРО-ДПМНЕ славеше победа на парламентарни избори. На скопскиот плоштад се случуваше и „Баскерфест“, чија публика сведочи за брутално убиство на 21-годишниот Мартин Нешкоски, претепан до смрт од дотогаш непознатиот припадник на полициските тигри, Игор Спасов.

Случајот што го посветуваме на овој „Мегафон“, беше своевиден зачеток на движењето #Протестирам. Остави траги за граѓанска мобилизација, донесе надеж за протестната култура, но и разочарувања со судската и политичка разврска.

Разговараме со адвокатот и активист Јанаки Митровски, новинарката што прва пишуваше за случајот Моника Јовановска и активистот Александар Митров.

Епизода 8

Растат критиките во јавноста за однесувањето на дел до јавните функционери во ек на пандемија. Високи функционери посетуваат градинки, одат по одмори во странство, седат без маски во канцеларија и апелираат граѓаните да се однесуваат одговорно поради ширењето на Ковид-19.

Во новиот „Мегафон“ слушнете колку се навистина одговорни македонските функционери? Зошто треба да бидат пример за останатите граѓани? Но и колку се „срамежливи“ во давањето оставки и преземање одговорност?

Епизода 7

Пред повеќе од една година македонската јавност дозна за „Јавна соба“, затскриено ќоше каде на подол начин беа изнесени најприватните интимности на број девојчиња, девојки и жени. Денес, „Јавна соба“ сè уште го замрачува македонскиот интернет простор. И по една година клучот не е пронајден, а сè повеќе жени го споделуваат своето искуство.

„Јавна соба е кривично дело“ беше мотото на протестот за преземање институционални мерки. Денес е закажан втор протест за „Јавна соба“ овојпат под мотото „Држава што не постапува е држава што силува. Ќе се побара расчистување на случајот и ефикасно, ефективно и професионално постапување во случаите на родово засновано насилство. Жените истовремено бараат и отфрлање личните на предрасуди, непотизмот и корупцијата, но и солидарност со жртвите, наместо насилниците.

Епизода 6

Македонските власти добија најсериозни забелешки од мисијата на УНЕСКО за негрижата со која се соочува Охридскиот регион заштитен како Светско природно и културно наследство. Во последниот нацрт-извештај стои дека работите не само што не се подобриле, туку се појавиле и нови проблеми.

Додека извештајот, со одговори од македонските институции патува кон УНЕСКО, Охрид го чека нов период на неизвесност. Со дел од активистите и експертите кои се борат за заштита на природното и културното наследство разговараме за причините како се доведовме до оваа состојба, но и за решенијата како да се спаси македонскиот бисер од урбанистичките интеревенции кои создаваат непоправливи штети.

Епизода 5 

Дел од политичките партии периодов повторно во јавност ја подигнаа иницијативата за вметнување етничка припадност во личните карти, па многумина се запрашаа – што би донела ваква графа и зошто воопшто се инсистира на ова решение?

Оттука, во подкастот Мегафон, нашите соговорници се осврнуваат на нелогичностите од иницијативата, но и потенцијалните поделби и дискриминацијата што би се создале во иднина доколку се спроведе ваквата идеја.

Разговараме со Вилдан Дрпљанин од Хелсиншкиот комитет од човекови права, политикологот Сара Миленковска и етнологог и универзитетски професор Рубин Земон.

Епизода 4

Цела деценија траеше битката на лицето Икс за промена на родот во личните документи. Буквата „Ж“ одбиле да ја сменат домашните надлежни институции, по што се прогласиле ненадлежни. Лицето Икс својата правда ја доби на Стразбург во 2019 година, а пред неколку недели ги извади точните лични документи.

За правата на транс лицата, судскиот процес, пинг-понгот со домашните институции и работничките права поразговаравме со лицето Икс, адвокатката која го застапуваше, Наташа Бошкова и Славчо Димитров, координатор на Коалиција „Маргини“.

Епизода 3

85.000 граѓани во земјава преживуваат со 40-тина денари дневно. Скоро половина милион луѓе, пак, живеат со помалку од 126 денари дневно. Тоа е секој четврти човек во Северна Македонија кој живее во сиромаштија.

Некои се без струја, други без социјална помош, трети мораат секојдневно да прават компромиси со основните животни потреби. Кога на ова ќе ја додадете кризата со Ковид-19, во која од почетокот на пандемијата повеќе од 43 илјади луѓе ја изгубиле работата, ситуацијата се претвора во потенцијална социјално општествена „бомба“ која отчукува до експлозија.

Во оваа епизода на „Мегафон“ пренесуваме неколку приказни од луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија и разговараме како да се намали бројот на сиромашни лица.

Епизода 2

„Најубавиот дел од Шар Планина е прогласен за Национален парк“ – гласи наслов на вест од 1955 година, на која наидовме листајќи низ албумите на планинарското друштво Љуботен. Се мисли на Лешница, кога тетовскиот кмет донел одлука дека овој предел треба да биде заштитено подрајче. Но, таа никогаш не ја доби потребната заштита.

Речиси 70 години подоцна, планинари и здруженија обединети како „Пријателите на Шара“, се решени да го зачуваат она што останало од една од најбогатите планини со природни богатства и таа конечно да стане национален парк.

Минатата недела ја посетивме Шара, па во продолжение слушнете кои се проблемите кои ѝ тежат на оваа планина.

Епизода 1

Гостиварци се кренаа против ѓубриштето и загадувањето од Русино. Во Скопје и низ цела земја се протестира против поскапувањето на струјата, а средношколците побараа поквалитетно образование и комбиниран модел на настава.

Пандемијата го смени животот. Го смени начинот на дружење, работење и движење во просторот. Но, во целиот тој сет здравствени мерки за одржување физичка дистанца и носење маски, граѓани застанаа покрај своите права на протест за да искажат револт, став кон разни политики и одлуки.

Радио МОФ првата епизода од четвртата сезона на Мегафон ја посветува токму на иницијативите што периодов беа активни под маски. Што бараа начини да се самоорганизираат, протестираат, блокираат и вршат притисок, со цел заедницата да добие поквалитетен живот, социјална и еколошка правда. Подкастот слушнете го во продолжение:

ТРЕТА СЕЗОНА

Епизода 9

Предвремените парламентарни избори закажани за 12 април влегуваат на непознат терен поради епидемијата на коронавирусот Ковид – 19. Колку е паметно да се одржат изборите, како ќе изгледаат кампањите, што ќе биде главната тема? Сите овие прашања лебдат во воздух додека на сила се превентивните мерки со кои Владата се обидува да го намали ширењето на вирусот.
Ова ќе бидат веројатно први избори од независноста во кои политичарите повеќе ќе комуницираат онлајн отколку офлајн со граѓаните.
Во овој Мегафон дискутираме за тоа како младите треба да се подготват за изборите, но и што можат да очекуваат од изборниот процес.

 

Епизода 8

Овој „Мегафон“ го посветуваме на конференцијата за друштвен активизам ENGAGE 2020. Во него ги пренесуваме искуствата на десетина домашни и странски активисти, но и на младите кои се обидуваат да направат некакaква промена во својата заедница.

Во продолжение слушнете ги најинтересните изјави, цитати и пораки од ENGAGE:

 

Епизода 7

Од маалски улични дупки, расипано осветлување или преполни контејнери, до пријавување корупција во институциите, социјалните мрежи се претворија во место каде младите се повеќе се жалат на проблеми со кои се соочуваат во секојдневието.

Граѓаните се обраќаат на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб, каде преку фотографии или видеа алармираат за недостатоците и бараат решенија, наспроти формалноста и бирократијата со која се соочуваат во институциите.

 

Епизода 6

Од „Скопје2014“, преку објектите на охридското и струшкото крајбрежје до дивите платформи на Матка, македонската јавност изминатиов период слушаше многу за дивоградби, но малку за решенија на овој проблем. Новата епизода на „Мегафон“ ја посветивме на оваа тема.
Проверивме што направи Охрид по препораките на УНЕСКО, разговаравме околу солуциите за „СК2014“, како и за тоа чиј интерес штитат надлежните – јавниот или приватниот?

 

Епизода 5

Конечно се одржаа студентските избори. Гласањето за новиот формат на претставниците на студентите помина мирно и регуларно, без полициски специјалци и скандали, но и без голема излезност на младите.
Но, вистинскиот предизвик за новите претставнички тела започнува сега, а стартот не беше баш охрабрувачки, и го одбележа една многу контроверзна одлука. Во оваа епизода на „Мегафон“ зборуваме на овие теми и ви ги пренесуваме размислувањата на студентите за промените кои се случуваат во нивните факултети.

 

Епизода 4

Под слоганот „за инклузивна иднина“ милиони волонтери низ светот овој 5-ти декември го одбележаа Меѓународниот ден на волонтерството. Но, во македонската јавност одбележувањето помина речиси незабележително. Малкуте информации за организираните настани, доделените награди и пораките кои ги испратија волонтерите, и оваа година останаа во сенка на дневно-политичките теми.

Токму затоа, овој Мегафон го посветуваме на волонтирањето. Отвораме неколку теми за тоа колку граѓаните сакаат доброволно да придонесат за заедницата и како се развива волонтерската вредност во С. Македонија.

 

Епизода 3

Притиснати помеѓу европското „НЕ“ за почеток на преговорите со Европската Унија и најавените избори за април следната година, младите од земјава ги очекува уште половина година исполнета со неизвесност.

Во оваа епизода на „Мегафон“ дискутираме како тие ја гледаат својата перспектива и какви се нивните размислувања за евроинтеграцијата. Во подкастот ги споделуваме и одговорите кои ги добивме на нашата онлајн анкета која ја правевме изминатава недела.

 

Епизода 2

Ниту еден универзитет од Северна Македонија не е ни блиску до најдобрите 1000 во светот според Шангајската листа. Буџетот за високо образование и наука останува еден од најниските во Европа. Критики за квалитетот на студиите доаѓаат и од студентите и од работодавачите и од јавноста. Новините од Законот за високо образование или доцнат или не функционираат во пракса.
Оваа епизода на Мегафон ја посветивме на проблемите во високото образование, а со нашите соговорници разговаравме и за решенијата потребни за работите да се придвижат во позитивна насока.
Во подкастот разговараме со повеќе студенти од УКИМ, професорите Ивица Милевски и Илија Ацески, а ги пренесуваме и главните поенти на истражувачите кои го анализираа буџетот кој се издвојува за образование и наука.

 

Епизода 1

Која е причината за насилното и агресивно однесување меѓу младите, кое повторно беше актуелизано по трагичниот случај во скопско Лисиче, кога малолетник почина од убод со нож при физичка пресметка.

Во новата епизода на Мегафон зборуваме за насилството меѓу младите и неговите извори, но и за тоа дали државата има механизми со кои може да се спречат неетички, неодговорни и дискриминаторски појави во секојдневието кои ја шират спиралата на омраза и насилство.

Во подкастот разговаравме со психологот Ана Попризова, едукаторката Ана Битољану, Сибел Амет од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Катарина Синадиновска од СЕММ, Емилија Петреска Камењарова од АВМУ и со дел од средношколците кои ја креираа апликацијата „Speak Out“.