Конференција на тема „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“

Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ заедно со иницијативата „ПЕРИОД.Скопје“ ја организираат конференција „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“, која ќе се одржи во среда (31 мај) во хотелот Холидеј Ин во Скопје со почеток во 10.00 часот.

„Целта на оваа конференција е да поттикне промени во јавните политики кои би довеле до системски решенија и создавање на функционални механизми и мерки во врска со менструирањето како дел од напорите за подобрување на сексуалното и репродуктивно здравје, а следејќи ги насоките на Светската здравствена организација и препораките од ООН Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација на жените. Воедно, со конференцијата се обележува Меѓународниот ден за менструална хигиена“, стои во најавата за конференцијата.

На конференцијата ќе учествуваат претставници на граѓански здруженија, членки на парламентот на Рeпублика Северна Македонија и други државни институции. Настанот е предвидено да заврши до 16:30 часот, а сите заинтересирани за присуство треба да се најават на овој линк.

„Од истражувањето „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ публикувано во 2021 година до денес, нотирани се придвижувањата во рамки на дел од надлежните институции, затоа оваа конференција е повод да ни даде заеднички простор за разговор околу постојните предизвици и како можат да се надминат за да се дојде до конкретни резултати кон конечно искоренување на менструалната сиромаштија и доаѓање поблиску до состојба на менструална правда“, велат организаторите.

Целата агенда за конференцијата може да се види тука.