Од 15 следени ветувања за младите, досега исполнети се само две, во фаза на исполнување се осум, а преостанатите пет не се исполнети, велат од Младински образовен форум (МОФ), кој заедно со Фајненс тинк, Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) и Македонското лекарско друштво ја анализираа програмата на Владата 2024-2028 година.
Иако е помината само една година од четиригодишниот мандат, младите засега не добија премногу од ветените мерки на извршната власт. Во делот на институционалните реформи, Владата го формираше новото Министерство за социјална политика, демографија и млади.
Според МОФ, задолжен за мониторинг на областа „млади“, овој чекор претставува значајна институционална реформа што ја зголемува видливоста на младинските прашања на владино ниво, откако лани беше укината Агенција за млади и спорт.
Сепак, министерството е далеку од готова и завршена работа.
„Во рамки на новото министерство е формиран и Центарот за истражување на младински прашања кој треба да ја следи имплементацијата на Националната стратегија за млади 2023-2027. Иако формално се исполнети овие два ветувања, значајно е да се подвлече дека министерството сè уште се екипира, особено секторот за млади кој е во зародиш. Ова претставува сериозен предизвик за неговотото функционирањето како самостоен сектор во рамки на министерството“, посочува Ристо Савески од МОФ.
View this post on Instagram
Исто така, претходно младинскиот сектор апелираше до Агенцијата за млади и спорт, и ограничениот буџет кој го имаше секторот за млади, со околу 5%.
„Но, во новата констелација, ветувањата на претставниците, се дека секторот, ќе располага со значително поголем процент“, вели Савески.
Од другите клучни ветувања, не е исполнета мерката за доделување ваучери од 250 евра за 50.000 студенти за електронски уреди. Тоа беше едно од најгласно најавуваните ветувања.
„Иако мерката беше најавувана во октомври 2024 година, заклучно со завршувањето на учебната 2024/2025 година, од мерката немаше никаква трага, до минатонеделната изјава на премиерот, кој најави нејзнино имплементирање од следната академска година“, посочува Савески.
Исто така, не е развиена ниту М-апликација за младински стандард.
„Иако Министерството за дигитална трансформација има значителни активности и мерки за олеснување на пристапот до информации и комуникација на граѓаните со институциите, специјализираната М-апликација за младински стандард не е развиена. Ова претставува пропуштена можност за дигитализација на услугите за млади“, забележува Савески.
Од друга страна, Министерството за образование и наука (МОН) започна интензивен процес на реновирање на студентските и ученичките домови. Иако плановите за реконструкција биле започнати од претходната власт, вели тој, новата администрација дала силен замав за реализација на ова ветување.
Во делот на поддршката за млади земјоделци, се бележат нови иницијативи.
„Тука е најавената мерка за финансиска помош од 100.000 евра за млад брачен пар кој ќе се пресели на село и ќе се занимава со земјоделство – чекор што има потенцијал да придонесе и за регионален развој. Ова претставува проширување на постоечките мерки, како што е Мерката 112 која обезбедува грант од 10.000 евра за млади од 18 до 40 години кои за првпат започнуваат земјоделска активност“, вели претседателот на МОФ.
Што всушност Владата вети за младите?
Владата за младите вети многу работи, како на пример 500 студенти со највисок успех ќе добијат понуда за работа во приватниот и во јавниот сектор. Потоа, секој студент ќе добие можност да работи на скратено работно време, истовремено 10 милиони евра ќе бидат насочени кон претприемнички иницијативи за младинското вработување, а ќе се релизираат и 5.000 обуки за дигитални вештини.
Освен за М – аликацијата за младински стандард, со цел сите млади да имаат можност за попусти во театри, музеи, институции од културата, јавен превоз и спортски настани, во владината Програма стоеше и „бесплатен интернет за млади во сите студентски и ученички домови, библиотеки, читалници, младински центри и факултети“.
Кога станува збор за високите образовни установи, засега тие не видоа од мерката „Воведување е-библиотеки на факултетите“.
Владата беше гласна и за мерката „Купи куќа за млади“, воедно и дека јавните институции ќе бидат отворени за волонтирање и практична работа.
Какви се очекувањата и приоритетите на граѓаните?
Во поглед на резултатите од анкетите, правени во истата иницијатива за мониторинг, тие покажуваат дека граѓаните имаат високи очекувања од Владата, особено кога станува збор за подобрување на пристапот и квалитетот на јавните услуги, вработувањето, образованието и домувањето.
„Најголем дел од испитаниците (80%) го истакнуваат отворањето на нови работни места и достоинствените работни услови како врвен приоритет за подобрување на квалитетот на животот, а 77% ја поддржуваат можноста секое дете да посетува градинка, што укажува на недостиг од предучилишни капацитети“, посочува Савески.
Во областа на младинските политики, граѓаните ја препознаваат потребата од флексибилна работа за студентите (82% поддршка), подобри услови во студентските домови (80%) и финансиска поддршка за млади земјоделци (79%).
„Овие резултати се во корелација со дел од мерките што се во процес на реализација. Сепак, незадоволството е големо кога станува збор за достапноста и квалитетот на студентските домови (65% негативна оценка), како и за недостигот од можности за пракса во средното и високото образование. Дополнително, неисполнетоста на мерките за ваучери за електронски уреди и дигитални услуги (М-апликација) директно се коси со очекувањата на младите за модернизација на образованието и олеснет пристап до ресурси“, нагласува Савески.
„Владата да ги дефинира роковите за реализација на клучните мерки“
Според него, анализата покажува дека, најголем дел од мерките што граѓаните ги препознаваат како приоритетни – како што се подобрување на условите за студирање, директна финансиска поддршка и дигитализација на услугите – или се во почетна фаза или воопшто не се реализирани.
Ова, нагласува Савески, создава јаз меѓу очекувањата на јавноста и реалните резултати на терен.
„МОФ препорачува Владата да ги дефинира роковите за реализација на клучните мерки, да го зајакне кадровскиот капацитет на новото министерство и да обезбеди транспарентна комуникација со јавноста за статусот на мерките. Само преку навремена и ефикасна имплементација на ветувањата, усогласени со реалните приоритети на граѓаните, може да се обезбеди подобар квалитет на живот и да се врати довербата во институциите“, констатира Савески.
„КОМПАС“ за сите владини мерки
Платформата „КОМПАС“ ја следи реализацијата на вкупно 139 ветувања, распоредени во пет приоритетни области: социо-економија, образование, здравство, млади и родова еднаквост.
Од вкупните ветувања, досега се целосно реализирани 18 (13%), додека 51 ветување (37%) се во насока на исполнување. Најголем напредок е постигнат во областа на образованието, каде 24% од ветувањата се исполнети, а 70% се во тек.
Зад него следат социо-економските политики и политиките за млади, со по 9% реализирани ветувања. Реализацијата во здравство има поумерена динамика, три ветувања се реализирани и пет во насока на исполнување.
Во однос пак на родовата еднаквост, таму нема ниту едно активно или реализирано ветување.
Текст и видео: Бојан Шашевски