Медиумската писменост го зајакнува имунитетот при „провев“ на дезинформации

Без разлика дали се работи за Ковид-19, војната во Украина или за актуелности од секојдневието, тешко е да се остане имун на напливот од дезинформации. Од втората деценија на 21 век масовно се употребуваат нови медиуми, технолошкиот развој е ставен во „петта брзина“, па дезинформациите се шират побрзо и повеќе од било кога, а ранливите групи, меѓу кои и младите, особено се подложни на нивните штетни ефекти. 

Истражувачките Елеонора Серафимовска и Јорданка Черепналкова Трајкоска посочуваат дека отпорноста на секоја индивидуа на разорната моќ на дезинформациите – мора да стане еден од главните приоритети во образованието.

Преку истражувањето „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“, чиј издавач е Институтот за комуникациски студии (ИКС), тие се осврнуваат на медиумската писменост како клучна алатка во борбата против дезинформациите. Истражувањето се разликува од сите други по тоа што во него за првпат е направена соодветна скала за мерење на медиумската писменост и индекс на медиумска писменост.

„Да се биде медиумски писмен, особено онлајн, е од фундаментално значење за тоа како луѓето се однесуваат како потрошувачи, корисници и ‘дигитални’ граѓани. Централната улога што ја игра медиумската писменост на интернет, исто така, има импликации врз останатите сфери во живот на луѓето. Ова вклучува овозможување на корисниците да учествуваат во јавниот живот, да гласаат на избори, да одржуваат здрави односи со другите, да пристапуваат и да примаат информации и критички да ги формираат и да ги изразуваат мислењата“, посочуваат истражувачките од Македонската асоцијација за применета психологија „Симболикум“.

Во документот, медиумската писменост ја објаснуваат како конструкт од писменост за вести, свесност за постоење бариери во процесот на препознавање дезинформации, а има и активациска компонента: мотивираност за следење вести и мотивираност да се научи што се дезинформации.

Како ранливи групи во истражувањето се вклучени млади луѓе меѓу 18 и 28 години, лица над 60 години, но и приматели на социјална помош, интервјуирани преку фокус-групи. Притоа е направен теоретски профил на медиумски писмени индивидуи.

„Младите се подложни на дезинформации исто колку и возрасните“

Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци и дел од УРА тимот на проектот „Младите размислуваат“, смета дека дезинформациите не бираат возрасна категорија. Без разлика дали младите имаат поголеми познавања од дигитални технологии и социјални медиуми, тие се подеднакво подложни на дезинформации, исто како повозрасните граѓани.

„Првата работа како можат да создадат отпорност, имунитет, е одлуката за соодветен извор на медиумите кои ги следат. Односно, дали следат квалитетни, докажани, издржани извори на информации, дали гледаат дека медиумот има импресум, некаква создадена репутација, или пак читаат и веруваат на се’ што ќе видат при ‘скролање’ на екранот. Второто е квалитативно навлегување во самата содржина. Односно, дали следат вести на сите теми, или одбираат нешто што е најблиску до нив, најмногу ги интересира, па одлучуваат подлабоко да навлезат во тоа прашање“, вели тој.

Како трета работа, за него е онаа нормална доза на скептицизам која секој човек треба да ја поседува. Тоа може да се сумира во изреката „Ако нешто личи премногу добро или лошо да биде вистинито, можеби навистина е така“.

„Ако има некоја ‘бомбастична’, ‘шокантна’ или ‘неверојатна’ вест – младите треба да се замислат и проверат и по други медиуми, дали навистина тоа се случило“, потенцира Павиќевиќ.

За Павиќевиќ е несомнено важно што медиумската писменост почна да навлегува во формалниот образовен систем. Од 2021 година, преку „Младите размислуваат“ се работи на вклучување на медиумската писменост во наставните програми и се едуцираат млади од прво одделение, па се’ до студентите во универзитетите. Меѓувремено, се организираат и обуки за наставници од основните и средни училишта, се обезбедат ресурси, материјали за подготовка на професори, вклучувајќи прирачници и збирки на вежби.

Од една страна, целта е да се изгради отпорност од дезинформации, а истовремено и да се гради активно, одговорно и критичко граѓанство.

„Она што недостасува е концепциска промена во образовниот систем, ресетирање, за да се поттикне токму тоа што го бара медиумската писменост од сите нас – да извлечеме заклучоци, да анализираме слабости, недостатоци, меѓутоа и посилни страни. Тоа посебно важи за општествените и хуманистичките науки“, вели тој.

Дезинформации и манипулации како нова реалност на социјалните мрежи

Пред да се појават дезинформации за војната во Украина, кои тек се анализираат, пандемијата донесе т.н. инфодемија, па при „скролање“ на Фејсбук можеа да се прочитаат наслови од типот: „Алкохолот го убива вирусот за неколку секунди“, „Вакцинацијата се врши да се уништи средната класа“, или има „Чудотворен лек против Ковид-19“.

Ваквата ситуација стана проблем и за самиот Фејсбук, кој влезе во фокусот на извештаите на ЊузГард, организација што мониторира дезинформации на интернет. Од септември 2021, ЊузГард поднесува извештаи до Светската здравствена организација, означувајќи ги социјалните мрежи и другите дигитални платформи кои ширеа невистини за Ковид-19.

Од друга страна, ребрендираната компанија Мета беше ставена во позиција да повторува дека отстранила повеќе од 20 милиони штетни содржини што ги прекршуваат нивните правила, идентификувани токму со извештајот на ЊузГард. Фејсбук ваквите појави во изминатите години ги решава и преку соработка со независни организации за проверка на факти, па означи 190 милиони објави како лажни.

И во Македонија постојат т.н. фактчекери, задолжени за филтрирање и разобличување на дезинформации, со цел да помагаат при аморзитирање на целиот процес и креирање вештини на корисниците да препознаат од каде доаѓа информацијата, и како таа да се провери.

Фото: Envato

Според Бојан Кордалов, комуниколог и експерт за социјални медиуми, медиумските и дигитално писмени личности се клучот за соочување со дезинформациите во онлајн светот. Тоа значи дека една млада личност треба да има изградено критичко размислување и став кон работите.

„Да ги преиспитува работите, судира со својот светоглед, со предзнаењето, но и со информациите со кои се соочува. А, втората работа – ги става во свесноста за емпатичност. Односно што е дозволено и што не треба да се прави во јавниот простор, првенствено за дезинформации, омраза, дискриминација“, вели Кордалов.

Колку повеќе такви млади личности имаме, вели тој, многу повеќе интернетот станува побезбедно место за живеење. Место каде секој се чувствува добредојден и комфорен.

„Бидејќи, основата на социјалните медиуми, освен дружење, е и дебата и различни мислења. Односно, основата е демократските придобивки да бидат уште посилни. Медиумските и дигитално писмени личности помагаат оваа амбиција, овој стремеж, односно она за што се измислени социјалните медиум – да може да се оствари“, посочува тој.

Одговорности и „ѕидови“ во дигиталниот свет

При „скролање“ на социјалните мрежи се чини најмногу информации доаѓаат од онлајн порталите, кои според домашниот Совет за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) се најпроблематични. Во 2021 година, кога е правен последниот извештај, дури 91,3% од жалбите се однесувале токму на онлајн медиумите, а потоа телевизиите со 5,7%, новинските агенции со 2%, па весниците со 1% од пристигнатите жалби.

Извор: Совет за етика во медиумите во Македонија

СЕММ често потсетува, медиумите имаат одговорност да применуваат стандарди утврдени од новинарската заедница и Кодексот на новинарите. Тоа значи, одговорно да известуваат преку точни и проверени информации, да прават разлика меѓу мислење и факт, да ги почитуваат етничките, културни и религиозни различности, но и да не поттикнуваат дискриминација.

Но, етиката и одговорното однесување не се потребни само од медиуми што создаваат новинарски производи во редакциските „кујни“, туку и од сите оние што пишуваат, комуницираат и се информираат преку слободната интернет зона. Корисниците на социјалните медиуми не можат да очекуваат одговорност, ако и самите се однесуваат неодговорно. Дигиталниот живот бара одговорност и од самите јузери на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, ТикТок, блоговите… Се’ е тоа јавен простор.

Тоа го потврдуваат сите релеватни медиумски и комуникациски експерти. Тоа не е, и не треба да биде паралелен свет каде корисникот може да „истури“ фрустрации и да омаловажува, да сее говор на омраза, да се заканува, или шири дезинформации. Секое зборче има „домино ефект“, таму некаде – влијае на некоја ситуација, личност, оформува мислење.

Бојан Кордалов вели дека младите треба да изградат „ѕид“. Меѓутоа, не „ѕид“ помеѓу луѓето, туку „ѕид“ за дезинформации, за сите негативни појави кои не’ прават да бидеме загрозени на интернет.

„Не’ прават да се чувствуваме непријатно и некогаш не’ прават да го мразиме дигиталното време. Значи, ние како општество, некогаш како индивидуи ги мразиме социјалните медиуми, сакаме да избегаме од нив, неприметувајќи дека всушност бегаме од одредени луѓе што се однесуваат токсично, шират омраза и дезинформации, или ја блокираат секоја здрава дебата, секое демократско однесување. Тоа е всушност она што ќе го изградат овие личности. Наместо ‘ѕид’ да се бега од таму – ‘ѕид’ кон лошите и негативни појави. Тоа ни недостасува“, посочува Кордалов.

Некои нови „клинци“ – ранлива група за која треба внимание

Тамара Ќупева, долгогодишна истражувачка од образованието и комуникациите, во своите јавни написи и трудови често се осврнува токму на дигиталниот живот на младите, како генерации што растат преку социјалните мрежи. Дигиталниот живот за младите е нивното второ „јас“, природна средина за созревање, секојдневен предизвик за себепретставување, социјализација, но и главен ресурс за учење.

Преку нов Прирачник за родители, таа сега се осврнува и на генерацијата Алфа. Тоа се 264.056 деца родени во земјава, по 2010 година. Според Ќупева, ова е прва вистинска генерација на 21 век. Првата буква на новата ера.

„’Стаклена’ генерација, скринејџери, дигитални домородци и номади во отворениот онлајн простор. Јутјубери, тиктокери и гејмери. Тие учат, играат и комуницираат различно од сите претходни генерации. Го осознаваат светот во целосно дигитално опкружување. Имаат различна перцепција на непосредната околина, на играта, на социјализацијата, на фикцијата, на стварноста, на текстот, на јазикот“, вели Ќупева.

Според неа, генерацијата Алфа се разбира на дигитален, универзален јазик. Развиваат повисоко ниво на мислење, затоа што истовремено испраќаат и примаат информации, читаат, пишуваат, гледаат и слушаат. Знаат стратегии за носење одлуки во игрите онлајн, прифаќаат однесувања и култури на народи од целиот свет. Алфа децата се глобално поврзани, повеќе од сите претходни генерации во историјата на човештвото.

„Тие ќе имаат поширока културна разновидност во своите погледи и ставови. Истовремено се и билингвални говорители, затоа што на најнепосреден начин, активно учат втор јазик. Знаат зборови и изрази и на трет јазик. Интерконтинентални се. Географски неограничени. Но, емоционално ранливи се и подложни на многу влијанија, манипулации, пропаганда, дезинформации. Нестабилен е нивниот идентитет. Го бараат вистинскиот, автентичниот, свој, меѓу сите врсници и двојници на социјалните мрежи. Управуваат со уреди кои всушност, управуваат со нив. Тие се осамени талкачи во бескрајниот простор на интернетот и телефонските апликации. Од нас зависи нивниот развој. Безбедно детство! Од нашата основна писменост, култура и однос кон нив“, посочува Ќупева.

(Дез)информирање низ целата медиумска сфера

Ако се направи поширок поглед кон (дез)информањето, може да се погледне истражувањето за медиумската писменост на Западен Балкан, објавено од Мировниот Институт од Љубљана и СЕЕНПН од Тирана. Тоа покажува силна поларизација на јавноста за изворите на информации што ги користат и им веруваат.

Полудовербата во медиумите кај граѓаните од регионот (со околу половина во БиХ, Србија и Македонија, или повеќе од половина во Косово, Црна Гора и Албанија на граѓани кои им веруваат на изворите на вести и информации) е во околности на финансиско и политичко мешање, како и недостаток на медиумски ресурси, со што се нарушуваат доверливоста и квалитетот на медиумското известување.

За илустрација, телевизијата е најупотребуваниот и најдоверлив извор вести и информации во регионот, но во исто време, многу од најгледаните телевизиски канали се полни со политичка пристрасност и пропаганда. Социјалните мрежи, пак, каде што наративите на омраза се најприсутни, се вториот најкористен извор на информации, а тоа бара подобри политики за промовирање легитимни извори и филтрирање на нелегални и штетни содржини.

Резултатите од истражувањето истовремено покажаа и голема недоверба во информациите споделени на социјалните мрежи. Тоа значи дека повеќето граѓани веруваат дека социјалните мрежи шират политичка пропаганда и дезинформации и омраза. Но, и покрај тоа, социјалните мрежи се популарни, бидејќи преовладува потребата за припадност, забава и вмрежување.

Сите овие причини треба да се решат преку идни интервенции за развој на медиумите, подобрување на интеракцијата меѓу медиумите и публиката, градење посилни заедници околу професионалните медиуми, но и зајакнета медиумска писменост во образованието.

Бојан Шашевски