„Медена земја“ ќе се прикажува во сите средни училишта, универзитети и културни домови, одлучи Владата

Владата на Република Северна Македонија на синоќешната седница донесе повеќе заклучоци за оддавање достојно признание на авторите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда „Оскар“ во две категории.

Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на Универзитетите и во домовите на култура, за широка афирмиција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот.

Од владината прес-служба соопштија и дека канцеларијата на претседателот на Владата презела обврска, во соработка со продуцентите на филмот, да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.

Покрај ова Министерството за труд и социјална политика е задолжено да ги преземе сите потребни активности со кои ќе обезбеди материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на пет-члената екипа која го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

Владата упати и препорака до Агенцијата за филм да организира настан за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови, и на прес-конференцијата да се поканат и продуцентите односно филмската екипа.

 

Како дел од одлуките за признание за авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на претседателот на Владата, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите.