„Мател“ ја претстави првата Барби кукла со Даунов синдром

Компанијата за играчки „Мател“ ја претстави првата верзија на Барби кукла која претставува лице со Даунов синдром, јавува „Си-Ен-Ен“.

Новата барбика е дел од линијата „Fashionistas“ што цели на децата да им понуди поразновидни претстави на убавината и да се бори со стигмата што постои за лицата со физички попречености.

Најновата Браби е изработена во соработка со Националното здружение за Даунов синдром. Здружението е консултирано за обликот, карактеристиките, додатоците, облеката и пакувањето со цел да се запази дека соодветно репрезентира личност со Даунов синдром.

„Ова значи многу за членовите на нашата заедница, кои за првпат ќе може да играат со Барби кукла што изгледа како нив. Оваа барбика служи како потсетник дека никогаш не треба да ја потценуваме моќта на претставувањето. Ова е голем чекор напред за инклузијата и за моментот што го славиме“, изјавила извршната директорка и претседателка на Националното здружение, Канди Пикард.

Најновата барбика, за која од компанијата рекоа дека била прегледана од медицински професионалец, претставува ново лице и скелет што илустрира жена со Даунов синдром. Лицето ѝ е со позаоблена форма, таа има помали уши, а очите се малку накосени и во форма на бадем. На дланките има една линија, што според „Мател“ е карактеристика која често се поврзува со Даунов синдром.

Куклата носи розови ортози на глуждовите кои одговараат со нејзиниот фустан, а се поврзани со патент на нејзините патики како што носат некои од лицата со Даунов синдром. Компанијата соопшти дека цветниот фустан во жолта и сина боја ги симболизира боите поврзани со свесноста за Дауновиот синдром.

Розовиот ѓердан на куклата со три шиворни нагоре е симбол што ја обединува заедницата и претставува три копии од 21-от хромозом што е генетскиот материјал кој ги предизвикува карактеристиките поврзани со Даунов синдром.

„Нашата цел е да овозможиме децата да се видат себе си во барбиките, истовремено да ги охрабриме другите деца да играат со кукли што не личат на нив. Играта со кукли надвор од личното искуство искуство може да ги научи на разбирање и да помогне во градењето на поголема емпатија…Ние сме горди да ја претставиме нашата Барби кукла со Даунов синдром за подобро да го рефлектира светот околу нас и понатаму и да продолжи да ја слави инклузијата преку игра “, изјавила Лиса Мекнајт, главна на секторот за барби и кукли во компанијата.

Линијата на барбики „Fashionistas“

„Мател“ неодамна започна со поинклузивен пристап кон 64-годишниот Барби бренд откако претходно многу години се соочуваше со критики за тоа што им дава на девојчињата модел за женско тело со нереални пропорции. Со линијата „Fashionista“, компанијата претстави барбики со слушни апарати, со количка, со протетска нога и барбика сосстојба на кожа витилиго што предизвикува губење на пигментот на кожата.