Потребна е поголема вклученост на жените во носењето клучни политики, решителност да го рашират својот глас, искористување на потенцијалот на технологиите за нивна поголема инклузија и креирање на локални, регионални и глобални мрежи на жени претприемачи. Ова се поентите од првиот Мастерклас “е-Трговија за жени“ организиран од УНКТАД (Конференција за трговија и развој на Обединетите нации) во С. Македонија.
Преку 50 жени претприемачи учествуваа на настанот кој изминатите два дена се одржуваше во Скопје, а потоа продолжува во Кина, Индонезија, Иран, Мексико, Руанда и Брегот на Слоновата Коска. Нивен домаќин во Скопје беше министерката за финансии Нина Ангеловска, како една од седумте жени амбасадори за е-трговија од целиот свет, избрана од УНКТАД да ја пренесе пораката за улогата на дигиталната трговија во развојот на претприемништвото кај жените како и важноста од нивно вклучување како поттик за економскиот раст.
„Задоволство ми е што мастерклас иницијативата “е-Трговија за жени” започнува токму од Република Северна Македонија. Поради пониското учество на жените на пазарот на труд, регионот губи 20 проценти од растот на бруто домашниот производ, додека земјава 16 проценти, покажуваат податоците на Светска банка. Ако ова го имаме предвид, треба да креираме паметни политики за поголема вклученост на жените, еднакви шанси и можности за сите кои ќе придонесат за поголем економски раст. Сакам да ги охрабрам сите жени да целат високо, да веруваат во себе, да го искористат потенцијалот на технологиите и дигитализацијата и постојано да се надоградуваат. Новиот брз дигитален свет бара интердициплинарни барања и носи предизвици, но на крајот на денот секој поминат предизвик не прави посилни и поискусни“, рече Ангеловска.
„Жените претприемачи се соочуваат со бројни бариери како пристап до финансии, вештини и поддршка за раст на бизнисот, што се случува особено во земјите во развој. Целта на иницијативата „е-Трговија за жени“ е да креира силна мрежа на жени и да ги испирира жените да ги искористат можностите и да се вклучат во дигиталната економија“, истакна Канденс Нкот Бисек, проектен менаџер на иницијативата “еТрговија за жени” на УНКТАД.
Според Ерик Јановски, претставник на Канцеларијата на УСАИД во С. Македонија, поголемата вклученост на жените на пазарот на труд ќе доведе до поголем економски раст. Воедно ќе придонесе и за зголемување на животниот стандард во семејствата.