Масовен граѓански протест денеска пред Влада

Граѓанската и натпартиска коалиција за враќање на достоинството на луѓето и за одбрана на Уставот на Републиката, „Граѓаните за Македонија“ со опозициските партии денеска во 14 часот пред Владата организира масовен граѓански протест. Барањата на протестот се оставка на сегашната и формирање преодна Влада.

„Македонија е земја во која демократијата е мртва, а граѓаните се жртви на насилниот режим на Груевски. Целата држава е заложник на деструктивната политика на неколку луѓе која ја носи нашата земја во пропаст, ги злоупотребува нашите пари и ни ги брка децата во странство.
Ова е точка од која нема враќање. Чукна крајниот час за промена, за слобода. Ова е време за натпартиска, граѓанска битка! Затоа, во име на Уставот на Република Македонија, ве повикуваме на масовен и ненасилен протест чија цел е пораз на оваа власт која ден по ден ни ја одзема иднината“, велат од коалицијата „Граѓаните за Македонија“.

Протестот го подрржа и Студентскиот пленум, движењето „#Протестирам“, левичарското движење „Солидарност“, но и граѓаните кои со месеци протестираат поради обврската да плаќаат парно иако се исклучени од мрежата на БЕГ. Студентите во 13 часот ќе тргнат од платото на универзитетот „Кирил и Методиј“, за да се сретнат со членовите на останатите движење пред Основниот суд Скопје 1, од каде сите заедно ќе се упатат пред Владата.

Присуство на денешниот протест најавија претставници на Европскиот парламент Кнут, невладини организации, активисти и граѓани од повеќе етнички заедници.