Марш на толеранција утре во Скопје – Викни силно против насилно

Десеттиот Марш на толеранција ќе се одржи на утре (18 ноември), во 12 часот пред Музеј на Град Скопје, по повод Меѓународниот ден на толеранција, а во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Денот на толеранцијата во 2018 година е посветен на борбата против насилството од омраза, кое како што забележуваат организаторите на маршот, станува секојдневие во Македонија. Затоа упатуваат јасна порака до сите институции во Република Македонија серозно да се посветат на унапредување на механизмите на санкционирање на насилството од омраза.

„Делата од омраза немаат ефект на изолирани случаи, напротив, тие често имаат потенцијал да иницираат нови инциденти, да отворат поширока спирала на насилство, па и да кулминираат до точка на несогледливи последици. Тие придонесуваат за градење на атмосфера во која насилничкото однесување е вообичаено, прифатливо па иодобрувано. Особено загрижува влијанието врз светогледот на помладите луѓе затоа што овозможува пренесување на штетните шаблони на однесување од генерација на генерација. Борбата против насилството од омраза мора да започне со градење на позитивна средина во која сите се чуствуваат како дел од општеството со потенцијал за промена.

Исто така загрижува и постојаната неказнивост на говорот и делата од омраза која мора да запре. Особено говорот на омраза е присутен на социјалните мрежи без можност тој да биде санкциониран и отстранет. Тоа е главната сопирачка за промена на состојбите. Долгогодишното игнорирање на поттикнувачите и извршителите на дела на омраза и непостапувањето на надлежните институции остави простор за непречено ширење на реторика која поттикнува насилство врз поединци и групи.

Санкционирањето на овие дела е првиот и суштински исчекор за превенција на идни случаи. Но, образовниот систем и медиумите се исто така клучна алка во процесот на градење на вистински ненасилна култура и похумано општество. Затоа, на јубилејниот десетти марш ќе упатиме апел до сите релевантни општествени чинители за креирање широк фронт за борба против овие појави кои што го загрозуваат животот и основните права на човекот. Вистински промени се можни само со респонзивни институции и свесни и одговорни граѓани кои го препознаваат и реагираат против насилството насекаде -во домовите, училиштата, стадионите, на улиците и во виртуелниот простор“, соопштуваат од Хелсиншки.

Маршот е поддржан од организациите: ЛГБТИ Центар за поддршка, Цивил- Центар за слобода, Национален Ромски Центар, ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Реактор – Истражување во акција, КВИР СКВЕР Скопје, Коалиција Маргини, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Глас против насилство и МОФ- Младински образовен форум.

Маршот започнува од Музеј на град Скопје – Улица Македонија и заврѓува на платото пред Универзитетот на ЈИЕ во Старата скопска чаршија.