Марш на црвените чадори за стоп на насилството врз сексуалните работници

“Слободниот избор е право, а не привилегија” е слоганот со кој утре во Скопје ќе се одбележи Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.

Од пред Платото на Спомен куќата на Мајка Тереза во 12 часот со црвени чадори, глобалниот симбол на сексуалната работа, ќе започне маршот на сексуални работници, стриптизети и стриптизери, хот лајн операторки, ескорт девојки и момци, активисти за човекови права и поддржувачи.

„Со овој настан би сакале да ја подигнеме јавната свест за постоењето голем број  сексуални работници во Македонија и да ја потенцираме застрашувачката состојба за безбедноста и супстандардните услови во кои што тие живеат и работат. Сексуалните работници остануваат меѓу најмаргинализираните членови на општеството. Креаторите на политики и властите повеќе ги сметаат за непријатна појава што треба да се искорени или за неморални прекршители на законот, отколку за индивидуи кои  треба да бидат заштитени од насилство и кои треба да добиваат социјална и економска помош и поддршка“, соопштуваат организаторите.

Организатор на маршот е Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „СТАР“ од Скопје. Тие велат дека оваа група на луѓе се под постојана закана поради негативната општествена перцепицја, што води кон зголемување на насилството и стигматизацијата.

Архивска фотографија

„Сексуалните работници обесхрабрени да ги пријават делата од омраза извршени врз нив, остануваат жртви на системот, а сторителите на кривичните дела продолжуваат да ја уживаат слободата која им ја пружа системот“, објаснуваат во соопштението.

Маршот се одржува по деветти пат. И оваа година организаторите порачуваат дека целта е да се истакне потребата од итна инволвираност на сите засегнати страни во застапувањето на прашањето за сексуалната работа, не само како здравствен, туку и како проблем поврзан со трудот и човековите права.