Малезијците одлучија да помогнат со свои пари и преку каудфандинг кампања да го намалат државниот јавен долг, кој изнесува речиси 80 проценти од БДП, односно 250 милијарди долари.
Граѓаните уште првиот ден собрале близу два милиони долари.
„Граѓаните доброволно ги делат нивните пари со владата за да ни помогне да го решиме овој тежок товар“, изјави министерот за финансии Лим Гуан, додавајќи дека овој метод на собирање пари е „систематски и транспарентен“.
Според ББЦ, овој вид на помош потсетува на доцните 1990-ти, кога жителите на Јужна Кореја стоеја во редови да ги донираат венчалните прстени и останати вредности и така и помогнаа на паднатата национална економија за време на финансиската криза во Азија.
Покрај оптимизмот кај обичните граѓани во Малезија, економските експерти не се толку ентузијасти. За враќање на огромниот долг предлагаат поефикасни начини – плаќањето даноци и купување домашни производи.