Mала просторна интервенција во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ – Штип

Младински образовен форум и Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ Скопје го завршија поставувањето на третата и последна мала просторна интервенција во студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ – Штип.

Идејата за оваа мала просторна интервенција произлезе од Работилницата за мали просторни интервенции во студентските домови која се одржа во февруари а во која учествуваа студенти по архитектура од целата држава. Со неа, се збогатува и оплеменува просторот во кој ќе престојуваат студентите и се создава дополнителен простор во кој студентите, на отворено ќе можат да го поминуваат своето време.

„#ШТРИП во Штип е името на просторната интервенција во рамки на студентскиот дом “Браќа Миладиновци” во Штип, а e дел од проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ поддржан од Фондацијата Отворено општество. Таблата на која стои натписот на оваа институција е единствениот знак кој укажува на тоа дека во овој објект живеат студенти. Директниот излез кон тротоарот, односно булеварот, оневзможил да се формира отворен јавен простор во рамки на студентскиот дом, коj би ги задоволил потребите на студентите. Оттука произлезе и идејата за мала просторна интерполација, која максимално ќе ги искористи просторните зададености. Просторната интервенција #ШТРИП има за цел да дефинира нов јавен простор кој припаѓа на една од најважните, а истовремено и најмаргинализирани групи – студентите. Целта на овој простор е да го промовира социјалниот живот, критичката мисла и размената на идеи помеѓу студентите, а воедно и да придонесе кон зголемување на нивната видливост и важност во општеството“, изјави Милка Докузова, ментор на оваа мала просторна интервенција.

Пред интевенцијата

По интервенцијата

Оваа мала просторна интервенција е последна од низата просторни интервенции во државните студентските домови „Пелагонија“ – Скопје, „Кочо Рацин“ – Битола и „Браќа Миладиновци“ – Штип.

„Имајќи ги предвид супстандардните услови во кои престојуваат студентите во студентските домови, оваа просторна интервенција претставува мало поместување во насока на подобрување на инфраструктурата на домовите. Преку оваа мала просторна интервенција сакаме да ги поттикнеме државните институции да обрнат повеќе внимание на состојбата во студентските домови а и дополнително да ги поттикнеме студентите да бидат поактивни во рамки на нивната заедница“, изјави Петар Барлаковски, програмски координатор во МОФ

Инаку, освен менторот на акцијата, Милка Докузова, тимот од студенти кој работеше на идејата беше составен од : Теодора Герова, Ангела Таневска, Ангела Лековска, Мила Алексовска, Димитар Милев и Иван Тодоровски.

Проектот „Ангажирни студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ се спроведува од ноември 2019 до декември 2020. Примарната цел на проектот е поттикнување на институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување на други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.