Балетското студио „Арт Балет“ од Скопје изминатиот викенд се закити со седум златни, пет сребрени и една бронзенa медала на Европското првенство по танц во Москва, Русија, организирано од Светската Артистичка Танцова Федерација (WADF).
Од студиото соопштуваат дека 15 балерини од „Арт балет“ на возраст од 8 до 17 години, под раководство на балетскиот педагог Тамара Ѓурчиновска, издвоија победа и освоија 7 први места во различни категории – Бобана Димеска, Ива Митревска, Антонија Атанасова и Сара Димовска, потоа Бобана Димеска, Елена Селмановиќ и Сара Димовска.
Потоа, 5 втори места – Антонија Атанасова, Ема Ханџиска, Зорица Тасевска и Марија Димовска, Елена Тренеска и Ива Митревска. Еднотрето место Сара Димовска, и едно четврто место во изведба на Елена Селмановиќ.
„Македонските балерини достоинствено ги одбранија боите на македонското знаме и гордо ги примија наградите проследени со македонската химна“, стои во соопштението на „Арт Балет“.
На Европското првенство во Москва учествуваа над 22 држави од Европа и други континенти, 104 балетски студија и повеќе од 7000 натпреварувачи кои се напреваруваа пред публика од над 70.000 љубители на танцот. Децата учесници беа оценувани од врвни меѓународни професионалци од областа на танцот од сите танцови стилови.
„Балетското студио ‘Арт Балет’ втора година по ред ја претставува Република Северна Македонија на Европското првенство по танц во Москва. Минатата година ‘Арт Балет’ издвои голема победа на Европското првенство и се закити со три први места, едно второ место и едно трето место во модерен балет, џез балет и акробатика. Оваа година балерините од ова студио го потврдија минатогодишниот успех и се закитија со двојно повеќе титули. Напредокот на овие млади таленти е од големо значење за балетското студио ‘Арт Балет’ кое има за цел да ги едуцира младите кадри да ја сакаат, негуваат и надоградуваат својата љубов кон танцот и културата“, соопштува балетското студио.
„Арт Балет“ годинава замина на Европското првенство по танц со поддршка од Министерството за култура.