Македонските граѓани лани потрошиле 133,7 милиони евра преку интернет

Вкупно 133,7 милиони евра потрошиле онлајн граѓаните на Северна Македонија минатата година, што е за скоро 18% повеќе од 2017 година, додека двојно е зголемен бројот на трансакции на странците кон македонските онлајн продавници, наведува во анализата на бројот и обемот на онлајн трансакции за 2018 година Филип Чижбановски, Заменик претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија.

Согласно податоците за реализирани трансакции во текот на 2018 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во последните 12 месеци покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст. Во текот на 2018 година реализирани се вкупно 5.435.285 онлајн трансакции, наспроти 4.293.214 онлајн трансакции во текот на 2017 година што претставува пораст од 21%.

Од аспект на вредноста на трансакциите, исто така се забележува пораст. Во 2018 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба изнесува 139 милиони евра (8.554.339.610,00 денари), што во споредба во 2017 година кога се реализирале 113 милиони евра (6.946.126.105,00 денари) претставува пораст за 18.79%.

Граѓаните во текот на 2018 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци. Имено, во текот на 2018 година граѓаните на Северна Македонија потрошиле вкупно 133,7 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 23,8 милиони евра (17,8%) во однос на претходната година.

„Во оваа категорија, евидентно е дека поради ограничената понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн во Македонија, поголем дел од трансакциите се насочени кон странски веб страни, односно странски онлајн продавници. Конкретно, 64% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 36% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија“, објаснува Чижбановски.

Неговата анализа посочува и дека имателите на платежни картички издадени во странство значително го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите. Бројот на онлајн трансакции реализирани во 2018 година, во корист на виртуелни места на продажба во Северна Македонија бележи пораст од 132% во однос на 2017 година.

„Она што е особено значајно за е-трговците од Македонија е дека во текот на 2018 година реализирани се вкупно 120.291 трансакција од страна на иматели на платежни картички од странска банка во корист на домашен трговец, односно, изразено во вредност вкупно 5,4 милиони евра се влеале во Македонија на име онлајн купување од странство, што претставува пораст за околу 78% во однос на 2017 година. Веројатно, голем удел во овие трансакции имаат иселените лица од државата кои купуваат производи и/или користат услуги во Македонија, но во секој случај оваа ставка бележи позитивно влијание врз македонската економија“, додава тој.

Ако се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во Северна Македонија (48,1 милиони евра), надополнета со вредноста на онлајн трансакциите реализирани со странски платежни картички кон онлајн трговци во земјава (5,4 милиони евра), може да се заклучи дека правните лица чија дејност претставува е-трговијата, односно вршат продажба на производи и услуги во Северна Македонија приходувале вкупно 53,5 милиони евра, се наведува во анализата.

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.12.2018 година во Република Северна Македонија активни се 871 продажно место. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.