Mакедонскиот фоторепортер Ѓорѓи Личовски, кој е соработник на Европската Прес агенција (ЕПА) повеќе од две децении, завчера во Хамбург е награден со бронзен медал од германската Академија Лид за негова фотографија објавена лани во германски медиум.
Личовски ја доби наградата за фотографијата на која се прикажани татко и син бегалци на македонско-грчката граница кај Гевгелија. За неа, тој претходно ја освои и првата награда од фондацијата „Марко Лучета“ („Мarco Luchetta Award” 2016) од Италија, за Најдобра објавена фотографија во светот во 2015 година.
Неговите фотографии во неколку наврати ги документираа најважните моменти од бегалско/мигрантската криза на македонските граници. Па така, за фотографијата со двете расплакани деца бегалци, одвоени од родителите од полициски кордон, Личовски во декември минатата година, во Берлин, ја прими наградата „Фотографија на годината“ на УНИЦЕФ.
За оваа фотографија, Личовски освои и златен медал на 12. Меѓународен натпревар за најдобра новинска фотографија од конфликти и војни во Кина, во конкуренција на фоторепортери од повеќе од 70 земји кои учествуваа на конкурсот со над 30.000 фотографии.