Македонската продукција во фокус на фестивалот на независни театри од Западен Балкан „Under 600“

Независниот театар „Штрих“ ја објави програмата на „Under 600“ – првиот фестивал што ги обединува независните театри од Западен Балкан кој ќе се одржи од 25 до 28 септември во Скопје, под мотото „И покрај сѐ“.

„Фестивалот ќе претстави вкупно 12 претстави и перформанси, со посебен фокус на македонската продукција. Преку оваа ревијална селекција, публиката ќе има можност да се запознае со моменталните трендови и естетички тенденции во современиот независен театар од регионот, како и со предизвиците со кои тој се соочува“, велат од „Штрих“.

Фокус ќе се даде и на млади уметници преку специјална програма која вклучува проследување на фестивалот од студенти од регионот и презентирање на две претстави, со цел поддршка на следните генерации театарски креатори.

Инаку, „Under 600“ е иницијатива за зајакнување на независниот театар во регионот на Западен Балкан, создадена од „Штрих“ заедно со „Дах“ театар од Србија и „Корифеј“ театар од Црна Гора. Регионалниот карактер на фестивалот овозможува создавање на заедничка енергија и согледување на творечките сличности и различности во регионот.

„Under 600“ е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), финансиран од Европската унија, кој има за цел да го подобри дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културниот и креативниот сектор, како и развој на потенцијалот на секторот за социо-економско влијание во овој регион.

Фестивалот „Under 600“ ќе ги обедини независните театри од Западен Балкан во септември во Скопје