Македонска премиера на „Еден тон сладолед“ на „Синедејс“ 2023

По својата светска премиера на Фестивалот за краток филм во Мароко, македонскиот краткометражен филм „Еден тон сладолед“ премиерно ќе се прикаже за локалната публика на 22 издание на Фестивалот за европски филм CineDays во Скопје.

Филмот, во режија на Сандра Ѓоргиева е дел од програмата МК Shorts и ќе биде прикажан во петок,
на 14 јули, вокино „Фросина“ во Младинскиот Културен Центар (МКЦ), во 19 часот.

Потоа, филмот ќе може да се види и во рамки на охридскиот филмски фестивал Beach Film Festival.

„Еден тон сладолед“, инаку филм на „ОХО продукција“, ја следи агонијата и борбата со грижата на совест на тинејџерот Ведран.

„Во обид да се ослободи од притисокот, тој го комплицира животот на Ева, млада самохрана мајка на малата Софија. Со низа апсурдни ситуации проблемот станува сè поголем, сè посериозен и тежок колку еден тон сладолед“, се вели во краткото сиже на филмот.

Ова е прв режиран филм на Сандра Ѓоргиева, кој се снимал во 2021 година, а главните улоги ги толкуваат Бодан Киранџиски и Јелена Јованова.

Сценариото е на Сандра Ѓоргиева и Јаков Попоски, директор на фотографија е Ѓорѓи Клинчаров, а монтажата е на Михајло Чунихин.

Сценограф на филмот е Влатко Чачоровски, костимографка е Емилија И. Атанасовска, музиката ја компонирал Јован Јовановски, а дизајн на звук работел Сашко Потер Мицевски.