Македонија, отпадот и депониите во 2030 година: Граѓаните ќе мора да тргнат од себеси за промени

Вообичаено утро во пекара во Скопје. Две четвртини бурек и две чашки јогурт, ѝ вели купувачот Томе на продавачката. Тој излегол да купи доручек за своето семејство, но заборавил со себе да земе платнена торба. И да ја зел со себе, продавачката сепак ќе се изненади дека Томе ѝ нуди торба за да го стави бурекот и одговара дека сепак ќе ги стави продуктите во пластична ќеса, и тоа јогуртот во посебна, за да не се олади бурекот ако ги спакува заедно во една ќеса. Томе на крајот излегува од пекарата со две пластични ќеси, две чашки јогурт и измрсена хартија. По доручекот, сето ова како ѓубре за еднократна употреба ќе се фрли во кантата за отпадоци, кое потоа ќе заврши како измешан отпад во депонијата „Дрисла“, пишува Мета.

Во горнава приказна ништо не е чудно, бидејќи ваквото секојдневие го живеат најголемиот дел од граѓаните во земјава. „Мета.мк“ веќе пишуваше дека во поглед на развиените западноевропски земји, Македонија е децении наназад во поглед на третманот на отпадот. Бројот на активни граѓани и субјекти кои се грижат за ова прашање се зголемува непропорционално со порастот на ѓубрето што се создава низ годините, а државата и општините во изминативе деценија и пол не успеаја да изградат ниту една регионална депонија, ниту пак да се потрудат во доволна мерка да ги поттикнат граѓаните да отпочнат со реупотреба на отпадот и со негова селекција во домовите.

На крајот од 2020 година, Министерството за животна средина и просторно планирање ја доврши изработката на новиот Национален план за управување со отпад за периодот 2020-2030 година. Документот е амбициозен, но не е прв, а ниту последен, кој е преполн со ветувања со рокови, за кои на крајот никој не одговара доколку не се исполнат. Според планот, на крајот од следната деценија во земјава би биле изградени шест регионални депонии за современ третман на комуналниот отпад, со зацртана цел, 25 отсто од сиот комунален отпад да се рециклира веќе во 2025 година.

До 2030 година, комуналниот отпад од сите домаќинства во земјава ќе треба да се собира, но и да се реши проблемот со чистењето и затворањето на сите ѓубришта и сметилишта „распослани“ во природата. Треба да се изградат три нови постројки за третман на био-отпад, да се спроведат четири опсежни кампањи за населението за одделно собирање, предавање на отпадот, но и за освестување на граѓаните во насока на создавање на помалку отпад.

Дополнителни решенија се нудат и за комерцијалниот и индустрискиот отпад, отпадот од градежништвото, медицинскиот отпад, опасниот отпад, за милта што ќе ја создаваат пречистителните станици за отпадни води… Колку за илустрација, само финансирањето на изградбата на една регионална депонија и целокупен систем за управување со отпад во два региони во земјава (Источен и Североисточен) ќе чини 40 милиони евра.

Целиот текст може да се прочита ТУКА