„Во услови на голема младинска невработеност, имаме контрацептивни средства драстично поскапи отколку во земји со повисок животен стандард. Во Хрватска млад човек може да си дозволи орална контрацепција за 2-3 евра, која е на позитивната листа, а во Франција за 4. Контрацепцијата е ставена на позитивна листа и во Британија, Шпанија, Романија, Словенија, така што има и земји во регионот, и не е невозможно за Македонија. Бесплатните кондоми во овие земји се секојдневие, преку установи, па насекаде. Кај нас само преку странски донации. До кога?! Македонија е доволно возрасна земја, доволно созреана да престане да бара пари од своите т.н. старатели“.
Ваквите податоци и констатации денеска ги изнесе Љупка Трајановска, претставничка на ХЕРА Млади, кои во „Холидеј ин“ организираа трибина на тема „Младите бараат она што им следува – пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје“.
Според Трајановска, младите граѓани во земјава долго време бараат орална контрацепција на позитивна листа, пристап до бесплатни кондоми, Сеопфатно сексуално образование во училиштата, но и функционални младински пријателски центри.
„Зголемен е бројот на несакани бремености. Секоја година растат сексуално преносливите болести. Недоволни се информациите за младите за своето сексуално и репродуктивно здравје. Низ државава треба да има вградено 17 младински центри (за сексуално и репродуктивно здравје), меѓутоа, според наши сознанија, функционираат двата центри ‘Сакам да знам’ на ХЕРА во Шуто Оризари и Водно. Тоа се центри во Скопје. Каде е другиот дел од Македонија? Истовремено, искуствата покажуваат дека младите започнуваат со сексуални односи на 14-15 годишна возраст, дури и на 12-годишна возраст“, рече Трајановска.
Од ХЕРА напоменуваат дека само 1,6% од младите до 29 години користат орална контрацепција, а само 12,8 од паровите какво било модерно средство на контрацепција. Истовремено, итната контрацепција не може да се купи без рецепта. Ние сме земја во која не можеме да си дозволиме контрацептивни средства, но можеме да си дозволиме дете. Немаме пристап до женски контоми, а хормонската контацепција чини 450 до 900 денари месечно.
Пресметале дека на млад човек за излегување му треба 500 денари, роденден 1.000 денари, месечна карта, јадење 600 денари. Вкупно 2.700 денари за основни трошоци, каде тешко влегуваат евентуални пари за контрацепција.
„До пред три години, спиралата кај нас беше 700 денари, а денес чини 3.000“, рече Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА.

Од трибината „Младите бараат она што им следува – пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје“
Според истражување на ХЕРА и УНФПА за цените на контрацептивните на пазарот, нагласи тој, би биле потребни 73.000 долари за да се задоволат потребите на сите млади во Македонија на годишно ниво. Од нив 60% би биле наменети за кондоми, 30% за орална контрацепција, а 10% за итна контрацепција.
„Бројките практично се неменливи во изминативе 10 години и во Македонија околу 60 отсто од населението не користи никаков вид на контрацепција. Од тие што користат, пак, само 13 отсто употребуваат модерна контрацепција. Најшироко употребувана метода е традиционалната – повлегување на ејакулацијата“, рече Јовановски.
Според Дона Костуранова, извршната директорка на Младински образовен форум (МОФ), често кога се збори за вакви теми во секојдневна средина, во кафулиња и слично, тогаш се начнува темата единствено во поглед на семејно планирање, а не и од здравствен аспект.
Понатаму, вели таа, младите се огледало на општеството во кое се растени, а нашето е конзервативно, нееднакво и дискриминаторско, оптеретено со табуа и стигматизација.
„Во ваква средина тешко е нешто здраво да се роди, па затоа и се соочуваме со моменталната ситуација. Кога велам стигматизација и предрасуди, на пример, тоа се осудувачки погледи при обид да се купи кондом, без разлика дали е девојче или момче. Понатаму, младите имаат многу прашања кои нема кој да ги одговори. Професорите често не сакаат да зборуваат за тоа, младите не сакаат да отидат да разговараат со експерт, па најчесто се ‘едуцираат’ меѓу себе или на интернет. Не знам што е пострашно“, рече Костуранова, нагласувајќи дека во земјава постојат облици на активизам за ваквата проблематика, но за понатаму е нужно проширувањето на моделот за Сеопфатно сексуално образование и достапна констрацепција.
И д-р Глигор Тофовски, специјалист гинеколог-акушер, укажа дека многу често прашањата на младите остануваат без одговор поради негативната перцепција за контрацепцијата кај самите гинеколози и матични лекари. Освен работа со нив, смета тој, потребно е да се работи на свеста дека контрацепцијата е избор и е важен дел од процесот за планирање на семејството.
„Контрацепцијата овозможува сите граѓани, во различни стадиуми, да изберат кога сакаат потомство. Сега имаме позитивно тло, па институциите треба да направат исчекор напред, дали ќе бидат тоа субвенции за констрацепции, или друг начин, важно е да се развива и решава проблематиката“, рече Тофовски.
Заменик министерот за здравство Гоце Чекаровски, спомена дека како родител на две ќерки, кога биле седмо одделение им дал презерватив и орална контрацепција. Смета дека сите овие работи во светот се разговараат уште од најмала возраст, а кај нас станаа табу.
„Ние како Влада и министерство во нашата програма имаме планирано плус едно контрацептивно средство на позитивна листа. Би сакал во иднина да разговараме и размислуваме во средните училишта да поставиме кондомати“, рече Чекаровски, кој по вокација е гинеколог акушер.
Укажувајќи дека државата треба да се грижи за женското здравје пред воопшто да дојде на ред планирањето на семејството, за што денес се одделуваат едвај 150.000 денари годишно, пратеничката Јагода Шахпаска ги охрабри младите да зборуваат за контрацепцијата многу почесто и погласно. Според неа, апсурдно е што претходната власт издвојувала 3 милиони евра само за реклами за абортус, а притоа се правела црна кампања против контрацепцијата.
Д-р Ана Петрова од ФЗОМ ја потврди важноста на контрацепцијата и се согласи дека едно од решенијата е да се стави контрацептивно средство на позитивната листа, а активистиката и професорка Јана Јакимовска потцрта дека ваквите прашање мора да се отворат што поскоро и во помалите места, особено ако се земе предвид дека младински центри за сексуално и репродуктивно здравје постојат само во главниот град.
Бојан Шашевски
Фото: ХЕРА